Пендаровски нема да има предност пред другите кандидати на СДСМ за претседател


Фото: Б. Грданоски

Не се знае кој ќе биде претседателски кандидат од СДСМ и дали Стево Пендаровски ќе ја добие поддршката од партиските органи. Премиерот Димитар Ковачевски денес на прес конференција посочи дека во моментов се собираат предлозите од општинските органоци на партијата, па ќе има состаноци, по што ќе се одлучи. Според него, статутот на партијата предвидува дека сите кандидати  рамноправно треба да се разгледуваат. 

„СДСМ отпочна процедури за номинација на нови кандидати за претседател на државата. Во таа номинациската трка, сите можни кандидати имаат еднаква стартна позиција. Вчера имаше први состаноци на општинските раководства“, кажа Ковачевски.
 
Тој сепак ја оцени пофално работата на претседателот Пендаровски.

 

„За претседателот Пендаровски, јас имам кажано дека успешно го извршуваше мандатот. Сметам дека сите граѓани ги третираше со еднаква почит без разлика на припадноста по било која основа. Можам да зборувам за вредности какви треба да дели кандидатот, меѓутоа не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот“, додава Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „Тема на денот“ на ТВ Сител изјави дека максимум во втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат.