Пендаровски не го потпиша указот за Законот за игри на среќа

Претседателот не е против ваков закон, но мисли дека тој не треба да се донесе по брза постапка со употреба на „европското знаменце“


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.

Одлуката, како што соопштува Пендаровски, е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската унија во Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори.

Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно.

Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија.

За одлуката, претседателот Пендаровски го информираше претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Во писмото до Митрески Пендаровски, меѓу другото, наведува:

„Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен. Во таа смисла, во изминатите денови, како што ја информирав и јавноста, извршив бројни консултации со експерти и со засегнатите страни, а со цел да донесам исправна и информирана одлука, пред сè, во согласност со уставното начело на владеење на правото, системот на поделба на власта и со интересите на граѓаните.

Поаѓајќи од забелешките во последниот Извештај за напредок во однос на употребата на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како ‘процедура со европско знаменце’, во рамките на консултациите се обратив и до Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори. Во одговорот што го добив од нивна страна е наведено дека тие нотирале дека Законот е усвоен во процедура што се базира на употребата на европското знаме. Во ситуација на отсуство на суштинско ‘аки’ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ‘ЕУ аки’ што може да биде релевантно, како и поради комплексноста и важноста на предметните прашања, тие сметаат дека употребата на процедурата со европско знаменце е несоодветна“.

Истовремено, во одговорот од Делегацијата на ЕУ нè потсетуваат на забелешката од Извештајот за напредок на нашата држава за 2023 година во кој е децидно наведено дека наведената процедура треба да се користи единствено кога се работи за усвојување на закони што се директно поврзани со задолжителното право на ЕУ, а не за да се скрати јавната дебата за важни прашања.

Свесен сум за важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој. За опасноста од злоупотребата на игрите на среќа и забавните игри и за развојот на нездрава зависност од нив постојат бројни научни и стручни студии, но и секојдневни трагични примери. Токму затоа, сметам дека без одложување треба одново да почне дебата и постапка во Собранието за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија.

Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој Закон“, наведува Пендаровски.

Изминатиов преиод од здружението на приредувачи игри на среќа постојано го повикуваа претседателот Пендаровски да не го потпишува законот, тврдејќи дека 10.000 луѓе ќе останат без работа поради одредбите обложувалниците и казината да бидат на најмалку 500 метри од училиштата.