Пендаровски на средба со косовската претседателка Османи

Претседателот на државата Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Република Косово, денеска во Приштина остварил средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, соопштија од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
На средбата, било изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави кои се пријателски, динамични и засновани на меѓусебно почитување и разбирање.
Како што стои во соопштението, во фокусот на разговорите биле актуелни теми од билатералните односи, европската перспектива на двете држави, случувањата во однос на дијалогот Белград-Приштина, како и предизвиците на регионален и мултилатерален план и безбедносната состојба во регионот и пошироко.
Претседателот Пендаровски го реафирмирал ставот за поддршка на евро-атлантските аспирации на Косово, како и активното пристапување на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми, при што нагласил дека нашата држава е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија, така и во однос на членството во НАТО Алијансата.
Во тој контекст, соговорниците констатирале дека двете држави имаат значајно место со својата активна улога во заедничките напори за постигнување на трајна стабилност, добрососедство и економски просперитет на овој дел од Европа и дека заедничката иднина во евро-атлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан.
Пендаровски и Вјоса Османи-Садриу, се посочува во соопштението, се заложиле за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економијата и ги нагласија заложбите за активен придонес кон инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион.