Пендаровски контра помилувањето на Силјановска, ги поздрави пресудите на Уставниот суд за 27 април

Претседателот ја осуди изјавата повикувајќи се на одлуките на Уставниот суд за нападот на насилниците врз новинарите во Собранието


 

Претседателот Стево Пендаровски реплицираше денес, на конференцијата организирана од Уставниот суд, на најавата на Гордана Силјановска-Давкова дека, ако стане претседател на државата, ќе ги помилува осудените за крвавиот упад во Собранието на  27 април, како чекор до помирување во земјата.

Пендаровски индиректно ја осуди таквата најава, нагласувајќи ја важноста на неколкуте одлуки на Уставниот суд поврзани со утврдување на повреда на правото на слободно изразување на мислата, кое е заштитено со нашиот Устав и е едно од малкуте права и слободи што и со постојните уставни одредби ги штити овој Суд.

„Се реферирам на одлуките што Уставниот суд ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда. Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава“, порача Пендаровски на конференцијата. 

Силјановска-Давкова можното помилување го најави синоќа за време на интервјуто во емисијата „Вин-вин“ на Телма. Таа рече дека делото што им било ставено на товар на обвинетите за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.

Силјановска-Давкова рече дека ако до тоа време не завршеле постапките во Стразбур тогаш таа ќе настапи со помилување како претседател.

„Тоа се случи за оние кои не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам“, рече кандидатката за претседател.

Пендаровски во денешното обраќање исто така оцени дека со своите одлуки Уставниот суд покажал исклучителен сензибилитет за националните, но и за меѓународните стандарди за почитување и заштита на човековите права и слободи и побара,  за да биде поуспешен во тоа, да се воведе уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите.

„Тука сакам, без резерва, уште еднаш, да ја поддржам оваа ваша иницијатива, иако тоа сум го правел и порано.Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на нашиот устав во оваа насока, за жал, повеќе парламентарни состави не собраа сила да го направат тоа, а дискусијата за измени на Уставот, со цел воведување на уставна тужба завршуваше со надмудрувања за сосема други прашања кои се неповрзани со оваа тема. Се надевам дека во скора иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент на реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи“, рече Пендаровски.