Пендаровски ќе се залага за законски решенија кои ќе гарантираат повеќе права за работниците
На денот на трудот 1 мај, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека како претседател приоритет ќе му биде да обезбеди услови за развој и напредок на државата и на сите граѓани, унапредување на законските решенија кои ќе гарантираат повеќе права за работниците и повисок стандард за граѓаните.
Тој од Куманово порача дека на тој начин „ќе им го овозможиме животот што го заслужуваат и ќе ги охрабриме младите да ја градат својата иднина тука, во својата земја“.
– Нашите граѓани заслужуваат достоинствен живот во сопствената земја и јас како претседател ќе поттикнувам политики кои токму ова го овозможуваат. Особено ми е драго што од септември 2017 имавме покачување на минималната плата на 12.000 денари. Уште поважно е што таа се изедначи во сите сектори, вклучително и кај одделите производство на текстил, облека и кожа, каде минималната плата беше околу 8000 денари. Благодарение на ова решение 50.000 работници од трудово интензивните индустрии добиваат плати повисоки за околу 4000 денари месечно, а вкупно 90.000 работници веќе две години добиваат повисока плата. Ова е само прв, но многу значаен чекор кон подобрување на условите за живот на работниците – реќе Пендаровски.
Потсети дека се реализираа и долгогодишните барања за бенефициран стаж на рударите, со што од оваа година мажите одат во пензија со 40 години, а жените со 35 години стаж. Овој закон веќе се спроведува и првите 50 рудари заминаа со бенефициран стаж во пензија.
– Со новите законски измени обештетени се 10.700 илјади стечајци, кои долго време беа оставени без никаков надоместок. Предвидени се по 7000 денари за секој стечаен работник месечно со што се исправаат големите неправди наследени од претходната власт.