Пендаровски: Јас сум претседател кој ставил најмногу вета во историјата на Македонија


Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, во дебатата на претседателските кандидати на МТВ порача дека ветингот мора да биде задолжителен и дека неговото спроведување го гледа како своја лична одговорност.

„Ветингот мора да биде овој пат задолжителен. И јас во тоа и мојата лична одговорност ја гледам. Во 2016 година бев предводник во ИЕ1 за тие избори, слушајќи ги луѓето во Брисел, а тие водејќи се од искуствата од Албанија, рекоа немојте, затоа што секој трет помина таму во правосудството“ речеПендаровски.

Тој смета дека овојпат ветингот мора да се направи согласно македoнското законодавство.

„Да ги провериме имотите прво на политичарите. Не мислам дека има едно дувло, еден центар, за жал, зафатени се повеќе високи центри и во судството и во обвинителството и во политиката. Такви дувла има и во центрите на економска моќ, кои не се во политиката, не се во судството и не се во обвинителството,“ рече Пендаровски во дебатата на МТВ.

Зборувајќи за зголемувањето или не на претседателските ингеренции тој рече дека кога го почнал пњрвиот мандат рекол дека е непринципиелно да бара повеќе ингеренции но и дека нерма да дозволи да му ги земат ингеренциите.

„Значи, ако ме прашувате сега од позиција на човек кој се кандидира за, да препоставиме дека се уште не сум претседател, јас би рекол дека суспензивното вето треба да премине во апсолутно вето, затоа што претседателот неспорно има широк, народен, граѓански легитимитет поради начинот на кој се бира, значи од сите граѓани во државата. А, вака ќе ти го вратат (законот) и во рок од ден, два, три мораш да го потпишеш ако е со мнозинството што го бара Уставот. Значи, во тој дел да, во однос на другите потребни промени на Уставот не мислам дека е потребен цел устав да се менува, мислам дека имаме поприоритетни работи во однос на европската интеграција, јас сум за тоа да ги ставиме Бугарите во Устав  и ако се отвора уставот, се разбира, да има две третини за сето тоа, бидејќи без две третини не може да го направите тоа 20% да станат албански јазик“, рече Пендаровски.

Тој посочи дека се потребни уставни измени за да продолжи патот кон интеграција во ЕУ.

„Јасно е дека ако влеземе во уставни промени ова што го заговараме некои од нас во однос на тоа дека Бугарите треба да ги ставиме во устав заедно со други пет делови од народи, значи ако се отвора уставот, не би требало да се отвора секој понеделник. Ако го отвораме можеме да го промениме и делот на овие 20%, се разбира и во делот на од суспензивно во апсолутно вето. Значи, немам дилеми околу тоа. Не велам дека само за апсолутно суспензивно вето треба да се менува устав, меѓутоа ако веќе го отвораме за ова што ни е главна пречка кон Европската Унија треба да го направиме тоа. Инаку, вложив две вета, не едно. Првото е за диви градби на оваа коалиција која ме предложи и најавив две други кои не дојдоа до мене бидејќи знаеа дека ќе ставам вето и на тие. Јас сум човек претседател кој дал најмногу вета во историјата на Македонија“, посочи Пендаровски.

Тој  исто така потенцираше дека сè уште живееме во поделено општество и дека една од неговите заложби беше да се обиде да го намали овој јаз кој постои со години.

„Едно време постоеше огромен јаз меѓу етничките заедници, особено меѓу Македонците и Албанците. Во изминативе 10, 15 години постои јаз меѓу самите Македонци, меѓутоа за жал во тој дел, дел од луѓето не беа подготвени да го направат тој чекор едни кон други, а еден дел од нив беа инструирани од политичките субјекти да не го прават тоа. Можам да кажам дека во тој дел ни претстои огромна работа, кој било да е претседател во следните пет години затоа што поделено општество по дефиниција не може да ги користи сите потенцијали кои му се на располагање. Само со солидарност едни кон други, само со користење на клучниот потенцијал на 1.8 милиони луѓе кои живеат во Македонија може да напредуваме. Сè друго е заблуда“, рече Пендаровски и додаде дека ако се исклучи една категорија на луѓе, односно припадници на една политичка партија или по кој било основ не може да се напредува.

Осврнувајќи се на односите со соседите кандидатот за претседател Стево Пендаровски во дебатата на МТВ порача дека во европската преговарачка рамка, отсекогаш постоела и регионална клаузула.

„Договорот со Бугарија е споменат во Европската преговарачка рамка. Од  1997 година постои регионална клаузула секој пат кога одите кон ЕУ, секој пат. И во истата реченица во Европската преговарачка рамка за нас во која се спомнува со Бугарија, се спомна и Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“, порача Пендаровски.

Тој истакна дека условот за влез во ЕУ е јасен, дека нема поинаков пат и направи споредба со приемот на Македонија во Организацијата на обединетите нации

„Ние можеме да одиме многу назад во историјата. Од нашето зачленување во Обединетите нации, сите знаеме, четири услови беа за станување членка во ОН. За нас беше измислен петти и 25 години бевме поранешна југословенска република. Одиме до таму до кадешто можеме, мала држава сме, не да клекнеме сосема и да нè тепа кој стигне, си ги кажуваме аргументите, ама некој да ми каже дека ние можевме да им речеме примете не како Република Македонија во 1993 година, тоа беше невозможно иако тогаш имаше и такви луѓе кои тоа го заговараа, но сега прашање е дали ќе имаше било што во државата ако не бевме членка на Обединетите Нации“ посочи Пендаровски.