Пендаровски го советувал Ковачевски да не оди на самитот во Брисел

Претседателот рече дека предлогот што циркулира по медиумите не е официјалниот предлог на француското претседателство, туку повеќе збир на желби на Софија


 

Само за сликање не треба да се оди на самитот ЕУ-Западен Балкан, бил советот на претседателот Стево Пендаровски до премиерот Димитар Ковачевски  уште пред неколку дена, кога работите околу францускиот предлог и длабоката политичка криза во Бугарија дојдоа во цајнтнот.

Пендаровски вечерва во интервју на ТВ24 рече дека исправноста на тој негов совет на некој начин се потврдил при вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ (познатиот КОРЕПЕР) кога бугарскиот претставник изнел пет нови барања за симнување на ветото за Македонија, што се потврди дури од досегашните, но дека најмалку 10-11 земји биле изрично против.

„Јас го советувам да не оди. Бугарите вчера доставиле пет нови барања на КОРЕПЕР надвор од овој сет на нивни небулозни тврдења од претходно. Па му реков – што ќе правиш ти во Брисел, само да се сликаш. Не ме бендисува што се прави координација во рамки на Отворен Балкан, тоа треба да биде наша национална, автономна одлука. Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, назадуваме и само се сликаме“, рече Пендаровски.

Според неговите информации Бугарите вчера побарале да се брише дека преговорите автоматски почнуваат веднаш по промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство во преамбулата, туку сега барале тие да бидат оние што ќе оценуваат дали е тоа доволно. Потоа, во делот на јазикот нивното барање од вчера е дека не се доволни унилатерални изјави за јазикот, туку тоа да добие еднаква правна сила со рамката.

Пендаровски рече дека „вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција“.

Главната информација што ја спомена Пендаровски е дека предлогот што циркулира по медиумите не е официјалниот предлог на француското претседателство, туку повеќе збир на желби на Софија и дека во Скопје тој навистина сѐ уште не стигнал. Пендаровски откри дека последните месец-два во преговорите меѓу Скопје и Софија се вклучил Александар Адам, надворешно-политичкиот советник на францускиот претседател Емануел Макрон и доаѓал во наизменични посети во двата главни града, а потоа прецизирањерто на рамката одело преку телефонски разговори.

Пендаровски откри и дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел. Претседателот вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Шефот на државата вели деказа него би било неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот.

Тој ја оцени одлуката на Бугарската православна црква да ја признае Македонската православна црква, но не и нејзиното име – МПЦ-ОА, како „безобразие“. 

Тој уште соопшти дека токму денеска стигнал агреманот од САД за државниот советник во МНР, Зоран Попов, да биде новиот амбасадор во Вашингтон.