Пендаровски ги потсети ВМРО-ДПМНЕ дека дале согласност за вонредните состојби


По најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за потврда на одлуките за прогласување на вонредна состојба во март, април, мај и јуни, се огласија  од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

„Претседателот Пендаровски ги донесе одлуките за прогласување на вонредна состојба во врска со пандемијата на КОВИД-19 во согласност со Уставот, врз основа на образложени предлози од Владата во кои беа наведени фактичките услови за нивното донесување, а Собранието беше распуштено, велат од кабинетот на Пендаровски.

Од таму воедно се додава дека дополнително се одржуваа и тематски седници на Советот за безбедност, а во два случаи и средби на претседателите на политичките партии коишто самостојно освоиле мандати на последните парламентарни избори, на коишто се изгради недвосмислен политички консензус за прогласување на вонредна состојба.

Во ставот се додава дека Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките што ги донесе претседателот Пендаровски.

Потврдувањето на одлуките за постоење на вонредна состојба е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, се вели во писмениот одговор за коментар за најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласа за потврдување на вонредните состојби.