Пендаровски ги нарече лага и гола конструкција тврдењата на Радев за 10.000 убиени Бугари

Постојат потврдени историски факти и извори, што не ги спори ни бугарската  историографија, дека Ванчо Михајлов  бил соработник на Хитлер, прокоментира претседателот околу дилемата како цел државен врв на Бугарија си дозволи да слави ваква личност.


Претседателот Стево Пендаровски ги нарече лага и гола конструкција последните тврдења на бугарскиот претседател Румен Радев дека во Македонија биле убиени 10.000 Бугари по Втората светска војна.  

„Бројката од наводно убиени 10.000 Бугари е лага, гола конструкција за политички цели. Не постои ни еден релевантен  историски извор, ни во бугарската, ни во македонската, ни во  светска историографија дека 10.000 луѓе  биле убиени во концентрациони логори во тоа време кај нас. Нешто што може да влезе во таа дефиниција  на концлогор постоело во Хрватска на Голи Оток. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ни тогаш, ни денес. 

Две години повторувам – ако во однос на овој спор се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи, никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален  критериум за влез во ЕУ-  корупцијата, владеењето на правото, борба за човекови права и слободи – брзо ќе дојдеме до заеднички прифатлива солуција.  Историјата на историчарите, актуелните проблеми денес. Ние не сме избрани на избори за да решаваме кој која националност бил во време на Самуиловото  царство туку да ги решаваме проблемите на граѓаните сега“, реплицираше Пендаровски на Радев. 

Тој даде оценка и за улогата на Ванчо Михајлов и дали е европско однесување цел бугарски државен врв да го слави тука во Скопје.

„Постојат потврдени историски факти и извори, што не ги спори ни бугарската  историографија, дека Ванчо Михајлов  бил соработник на Хитлер. Во 1944 година, по негова директна инструкција, доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Кога не добива поддршка од локалното население, репортира назад на неговиот шеф во Берлин дека тоа не е можно, така што само тоа е доволно да го прави фашист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти ќе речам дека, ако си следбеник на таа идеологија – си нацист, ако ја користиш, како во неговиот случај,  за остварување за сопствени политички цели – си нацист. Ванчо Михајлов бил неспорно корисник и следбеник на нацистичките идеи во тој период“, порача Пендаровски. Во спротивно, додаде тој, би  зборувале за воен злосторник. 

За барањето на Софија Бугарите да се внесат во Уставот, Пендаровски одговори дека како ретко за што има политичка волја и кај власта, и кај опозицијата, да се прифати тоа, но останува прашањето за тајмингот и која е гаранцијата дека некоја идна  бугарска влада повторно нема да бара промена на Уставот и други политички барања. Затоа, порача тој, еден од начините тоа да се реши е можеби преспанската формула, што значи таква отстапка да се направи откако Македонија ќе влезе во ЕУ.

Гостинот, претседателот на Летонија, Егилс Левиц, пак, јасно посочи дека ваквите прашања немаат ништо со критериумите за започнување преговори на една земја со ЕУ. 

„Ако ја погледате мапата на ЕУ ќе видите многу точки каде има разлики за историјата, не само тука. Но, ЕУ не е надлежна да ги решава, па ни да дискутира за тие историски прашања. Историските  спорови треба да се стават настрана, бидејќи  сегашниот не е вистински контекст за тоа. Историските разлики  не треба да се причина да се оспори капацитетот на земја кандидат да продолжи на патот кон ЕУ. Тоа е нашата позиција, а сметам дека е и на ЕУ“, рече Левиц. 

Тој наедно даде силна поддршка од неговата земја за започнување на преговорите со ЕУ нагласувајќи дека сега и безбедносните причини го налагаат тоа. 

„Лавија секогаш давала поддршка за Западен Балкан заради стратешки, политички и  економски причини , а сега и заради безбедносни. ЕУ е унија на демократски држави кои размислуваат исто, а тоа има реперкусии и на безбедносната сосстојба. Секоја земја кандидат треба да се вреднува според индивидуалниот напредок, а Северна Македонија ги исполнува критериумите и треба соодветно да биде вреднувана за тоа. Латвија е силен поддржувач на Северна Македонија во ЕУ. Се надевам дека новата состојба ќе води до поголема отвореност на ЕУ во однос на проширувањето, покрај прашањето на кредибилноста на политиката на ЕУ поради дадените ветувања“, рече тој порачувајќи на крајот дека „ Северна Македонија припаѓа на ЕУ“. 

Тој добар дел од обраќањето го посвети на војната во Украина која ја нарече отворено руска агресија која ја сменила безбедносната состојба во Европа.

„ Изминатите два месеци се случува агресија на Русија против демократска земја Укрина, што ја промени безбедносната ситуација во Европа. Го споделивме  мислењето во врска со осудата на агресијата, но треба да размислиме за европската безбедносна архитектура што треба да се изгради по неа“, рече претседателот  Левиц. Тој рече дека неговата земја дава поддршка на територијалниот интегритет на Украина, и не само за неа, бидејќи Украина се бори за сите земји во Европа.

„Убеден е дека Украина ќе победи и дека треба да победи, и не само заради неа самата, туку и заради Европа“, рече Левиц правејќи ја уште поапсурдна бугарската блокада за историски прашања во време кога Европа се соочува со реална криза и секојдневно умираат Украинци.

Што рече Радев?

„Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вклучи Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе, по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убија и испратија десетици илјади во концентрационите логори, само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ова е вистински фашизам“, изјави денес бугарскиот претседател Румен Радев кој важи за јастреб околу спорот и проруски ориентиран. 

Според негова оценка, време е антибугарската идеологија, која се вратила во Република Северна Македонија и очигледно намерно ги труе односите со Бугарија и намерно го поткопува патот на земјата кон Европската Унија, да остане во минатото. „Обидите на политичарите на РСМ да изградат идентитет врз основа на фалсификат на Комунистичката интернационала, наместо на историската вистина, се против интересите на граѓаните на РСМ кои навистина сакаат членство во ЕУ“, изјави  Радев, кој се претвора во главен провокатор сега за спорот обидувајќи се очигледно да го зголеми рејтингот на Бугарската социјалистичка партија која тоне во однос на поддршката во земјата, а се споменуваат нови избори. (С.Ј.)