Пендаровски: Бугарија го потроши својот политички потенцијал за нови вета

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5 говорејќи за проблемот и решението со соседна Бугарија, поврзано со македонските евроинтеграции, посочи дека Бугарија го потрошила својот политичкиот потенцијал во Европа за да може да става нови вета.
„Јас тврдам дека Бугарија го потроши својот политички капитал во Европа за да блокира кандидатка за членство во Унијата со овие глупости што ги правеше во изминативе 3 години. И на крај, јас тврдам дека Европа им рече – еве ви бар нешто, за да не останете без ништо од сите ваши барања. Барањата на Бугарите беа анахрони, беа надвор од контакт со реалноста. Меѓутоа во тој период, Европа, за жал, не се бавеше со Бугарија, и тие велеа тоа билатерално да се реши. Кога се вклучи Европа индиректно тогаш рекоа – само Бугарите во Устав, другото заборавете го“, рече претседателот Пендаровски во интервјуто за Канал 5.
Тој зборуваше и за неодамнешните измени во Кривичниот законик и реакциите во јавноста откако тој го потпиша Указот за прогласување на законот. Претседателот Пендаровски истакна дека е недозволиво во една демократска држава еден процес да трае 10 или повеќе години.
„Јас мислам дека со име и презиме треба да се извадат луѓето кои 12 години не го суделе Маѓар Телеком, луѓето кои осум години не ги суделе овие другите предмети. Значи не е проблемот до законот, до човечкиот материјал е“, потенцираше претседателот Пендаровски.
Во оваа насока претседателот Пендаровски се осврна и на работата на Судскиот совет чија задача е да ги санкционира судиите за кои ќе утврди дека ги одолговлекуваат судските процеси.
„Судиите коишто решиле да не судат, а Судскиот совет не ги казнува, не ги дисциплинира, не ги дистанцира од судењето, зошто не се во судница?!“, рече претседателот Пендаровски во
Говорејќи за борбата против корупцијата во нашата земја, особено во судството, претседателот 5 потсети дека пред неколку години го поддржал ставот на Европската Унија дека нашата држава не треба да направи комплетен ветинг на судиите, имајќи го предвид примерот на Албанија каде преку тој процес поминале само 40% од судиите и обвинителите.
„Од овој аспект кога гледам дека не се помрднуваме напред и тоа децидно е наведено во извештајот на Европската комисија, кога гледам дека немаме напредок велам можеби е подобро да имаме 40% судии со образ и да немаме целосно составени органи – да ги досоставуваме, да ги допополнуваме со судии и со обвинители, отколку да имаме судство и обвинителство за кои гледате какви се ефектите, за кои велат дека се канцер на општеството“, истакна претседателот Пендаровски.
Во оваа насока претседателот Пендаровски посочи дека години наназад Северна Македонија не успеа да ги имплементира реформите во правосудниот систем.
„Процесот на прочистување на судии и обвинители ќе ни земе минимум три до четири години, ќе не остави со половина судии помалку, а можеби и тоа е некаков почеток бидејќи сите други варијанти – имаме нов Кривичен законик, па реформи, па нови реформи, па реформи на реформите, не доведоа до овде“, заклучи претседателот Пендаровски во вечерашното интервју на Канал 5.