Пендаровски бара МРТ прво да ја расчисти аферата со анкетите, па после да вика на дебата


 

Стево Пендаровски не одбива дебата, но би ја прифатил само ако на неа учествуваат сите седуммина кандидати. Но тој вечерва од митингот во Општина центар рече дека има резерва кон Македонската радио-телевизија поради аферата која излезе со наводно нарачаните анкети на јавното мислење.  

„Јас бев првиот кој понуди дебата со сите кандидати и не правев селекција – ‘овој да биде, овој да не биде’. Ќе дојдам каде и да е дебатата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати – со мал исклучок, МРТ. Тука имам резерва. Ако е точно, за аферата што излезе пред неколку дена, дека наводно има документи кои докажуваат дека штабот на најголемата опозициска партија организирал центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда, тогаш нека причекаат додека надлежните органи не ја расчистат, зашто можеби не е точна, можеби е фаслсификат. Прво расчисти ја, па потоа ќе ме викаш на дебати“, рече Пендаровски.

Прашањето за евентуалното учество на предизборна дебата на МРТ му беше поставено од вечерашниот митинг во Центар. Пендаровски денеска на социјалните мрежи порача дека би учестувал на дебата каде било и под какви било услови, доколку на неа учествуваат сите седум кандидати за шеф на државата.

Тој ова го објави како реакција на твитер-објавата на новинарот Боби Христов оти Пендаровски одбил да биде дел од дебата во организација на Телма.

Според Пендаровски, „овие избори не се како сите други зашто земјава е повторно на крстосница – дали ќе дозволи да се врати „груевизмот“ или ќе биде водена од луѓе кои ги имаат предвид интересите на граѓаните и државата“. Како што оцени Пендаровски, матрицата на автократија и диктаторство кај ВМРО-ДПМНЕ не е исчезната.

„Државата заслужува да ја водат одговорни, совесни и сериозни политичари, а не луѓе кои сакаат само власт и пари. Ако ВМРО-ДПМНЕ дојдат на власт, Македонија повторно ќе биде приватна држава на неколкумина или на една фамилија, а најчесто на само еден човек кој ќе им диктира на сите други – што да прават, што да мислат и што да зборуваат. Тоа не смееме да го дозволиме ако им мислиме добро на идните генерации. Ако сакаме пристоен, достоинствен живот, на таквите обиди, за враќање назад, во регрес, да им кажеме ‘не, благодарам’“, порача Пендаровски.

Тој вети дека, како и досега, ќе биде претседател на сите, дека нема да ги продлабочува делбите, ниту да ги стимулира поделбите, дека ќе се обидува да помогне секому, независно од која етничка припадност е или од која политичка партија. Во земјава, нагласи, сите мора да бидат рамноправни зашто „никој овде не е газда, ниту кираџија, така било, така и ќе остане“.

Пендаровски се осврна и на придобивките од актуелната власт, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Во овој контекст даде уште едно ветување, дека ќе влеземе во ЕУ до крајот на оваа деценија, но само како Македонци, со нашето име и интегритет.

Прашан од граѓаните како ја толкува изјавата на Силјановска дека сѐ што не направил тој, таа ќе направи, Пендаровски одговори: „Јас никогаш не сум го кочел патот на Македонија кон Европа, таа ќе го кочи, јас никогаш не сум ги нарушил меѓуетничките односи и мирот на државата, таа ќе го направи тоа, јас никогаш не сум ветил дека ќе амнестирам насилници од 27 арпил, таа ќе го направи тоа“.

Пред Пендаровски зборуваше лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски кој уште еднаш кажа дека овојпат изборот е меѓу надеж и безнадежност, прогрес или враќање назад во минатото.

„Знам дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за државата. Тие сакаат и заслужуваат европски стандард дома, тука, во земјава, а ние имаме волја, знаење и тим да испорачаме резултати“, рече Ковачевски.

Според него, гласот за Пендаровски и Коалицијата за европска иднина е глас за европска Македонија.