Пратениците немаат абер од формирање Анкетна комисија за Кочани, родителите најавуваат нов протест
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, не се чувствува одговорен што и натаму не е формирана Анкетната комисија за трагедиите во Кочани, во Ласкарци и за модуларната болница, иако родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ јавно побараа деновиве пратениците да излезат и да се изјаснат, бидејќи поминаа 18 месеци од настанот, обвинетите се ослободуваат од притвор, а никаква одговорност се уште нема. И денес Гаши се вадеше на техникалии околу формирањето на комисијата, но на крајот сепак порача дека некои сакаат да ги вратат емоциите околу трагедијата заради постигнување политички цели, без да прецизира кој.
-Не можам јас да ја формирам анкетната комисија,. Имаме деловник што го регулира тоа и во моментов нема промена на ситуацијата. Јас сум погрешна адреса да прашувате за ова, рече Гаши посочувајќи дека проблемот треба да го решат политичките партии, кои инаку настапуваат со зацементирани позиции. Тој и натаму тврди дека според Деловникот нема зошто да им праќа формален допис на СДСМ да делегираат членови во ваквата Анкетна, додека опозицијата тврди дека без тоа не може да продолжи процесот, а ВМРО-ДПМНЕ опстојува на барањето да се договорат однапред и околу заклучоците.
Околу забелешката на новинарите дека пред девет месеци дури 90 пратеници гласаа за да се формира комисијата и дека, додека тие се препукуваат, Врховниот суд ја укина пресудата за Лескарци, не се утврди одговорност ни за Модуларната болница, а судењето за „Пулс“ се развлекува, по што беше прашан – Зошто се плаши од формирањето на Анкетната комисија ако нема што да крие? – Гаши негираше дека се крие и дека напротив, е „поборник на вистината“, но не праќа допис до СДСМ за членови бидејќи тоа не го бара Деловникот.
-Деловникот е јасен, како претседател на Собранието должен сум да го почитувам, се правдаше Гаши. Тој негираше дека премногу технички ја сфаќа својата функција, т.е. ригидно ја толкува процедурата, поради што доби и совет да преземе нешто бидејќи „целта ги оправдува сретствата“. Наедно не сакаше да потврди и дека формирањето на Анкетната комисија за сите трагедии се саботира од партиите во Собранието, но забележа дека секоја политичка партија гледа и бара простор да ги реализира своите политички цели во институцијата. Попросто кажано, потврди дека има политички игри, но ги смета за нормален дел од парламентарниот фолклор, иако станува збор за најтрагичната несреќа досега во Македонија.
-Мене ме интересира само вистината. Без оглед кој се огрешил, треба да одговара пред законот. Никаков човечки и политички параван не треба да стои пред тоа, рече Гаши оценувајќи дека како јавност треба „да поставуваме“ прашања, но судството постои за да ја утврдува одговорноста.
Поради ваквите политички игри и случувањата околу судењето, осумнаесет месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“, семејствата на 63-те жртви повторно ќе излезат на улиците на Кочани, со јасно барање за вистина, одговорност и правда.
Здружението „16 Март 2025“ ги повика граѓаните во среда, на 16 септември, во 17:05 часот да им се придружат на новиот „Марш на ангелите“, кој ќе започне од Паркот на Револуцијата во Кочани, објави 4news.mk
„Осумнаесет месеци без нив. Осумнаесет месеци со празни места во нашите домови и со болка што времето не ја намалува. Осумнаесет месеци во кои 63 семејства живеат со отсуството на оние што требаше да бидат тука“, порачаа од Здружението.
Овојпат повикот до сограѓаните е директен: поддршката да не остане само на социјалните мрежи, туку да се покаже и со присуство на маршот. „Не само со збор. Не само со коментар или поддршка на Фејсбук. Туку со присуство. Со коментари по Фејсбук не се гради подобро Кочани, ниту подобра иднина. Таа се гради со присуство, солидарност и подготвеност како заедница да застанеме едни покрај други кога тоа е најпотребно“, велат од „16 Март 2025“.
Од Здружението апелираат граѓаните на 16 септември да застанат до семејствата и да чекорат во спомен на 63-те млади животи згаснати во пожарот во „Пулс“. „Дојдете за 63-те млади животи што требаше да имаат иднина. Дојдете за нивниот спомен. Дојдете затоа што Кочани заслужува иднина во која човечкиот живот, безбедноста и одговорноста ќе бидат пред сè“, се наведува во повикот.
Семејствата велат дека не бараат многу – само еден час присуство и еден заеднички чекор со кој Кочани ќе покаже дека не заборава. „Еден час. Еден марш. Еден заеднички чекор што ќе покаже дека овој град памети, сочувствува и бара промена“, порачуваат тие.
Маршот ќе започне во 17:05 часот од Паркот на Револуцијата.
„Дојдете и чекорете со нас. Не заради нас. Заради нив. Заради нашите 63 ангели. И заради Кочани што мора да биде подобро и побезбедно за генерациите што доаѓаат. Да не чекориме сами. Да чекориме заедно. За вистината. За правдата. За никогаш повеќе“, стои во повикот на Здружението „16 Март 2025“. (С.Ј.)