Пендаровски: Ако некому му пречи средбата со Македонците од Бугарија, тоа не е мој проблем

Ако ме прашањете мене, сега на Македонија не ѝ треба отворање на Уставот, рече претседателот, иако во принцип го поддржа намалувањето на бројот на пратениците


Она што ќе ја отежнува работата на Историската комисија е реториката која се слуша од нејзините членови на дневна основа (Фото: Б. Грданоски)

 

Шефот на државата, Стево Пендаровски, по сeдницата на Советот за безбедност порача дека нема ништо спорно во неговата средба со преставниците на организациите на Македонците во Бугарија, дека таа не била во спротивност со Договорот за добрососедство од 2017 година, дека изјавата по неа не била спорна исто така, со порака – ако  некому му пречи самата средба, тоа не е, ниту би требало да биде негов проблем. 

„По средбата јас дадов и јавно соопштение, практично и коментар на тоа соопштение. Морам да ви кажам дека ме изненади затоа што во тоа соопштение (од Софија) освен констатација, немаше супстрат, немаше аргумент. Дали некому воопшто пречи самата средба затоа што од соопштенијата кои јас ги дадов, изјавите кои ги имавме јас и луѓето кои беа кај мене на средба произлегува за што сме зборувале и таму нема апсолутно ништо спорно, ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници, не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци каде било од светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем и не би требало да биде наш проблем“, изјави Пендаровски.

Тој нагласи дека за две ипол години, откако е претседател, не одбил никого за средба, дека ги примил и преставниците на Бугарите во Македонија и дека ќе продолжи и во иднина така, порачувајќи дека не гледа проблем во тој свој пристап. Притоа потсети дека и претседателот Радев во повеќе наврати примил граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука.

„Се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму, бидејќи тоа може само да создаде атмосфера во која ќе се познаваме, подобро ќе си ги знаеме проблемите еден со друг, подобро и само во една таква атмосфера можеме да го надминеме овој проблем кој година и пол – две, практично ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја, рече Пендаровски.

Сепак, тој  се огради дека надвор од средбите и слушањето на маки на преставниците на нашето малцинство во Бугарија, нема овластувања да им наложува на бугарските власти и институции како да се однесуваат кон нив, така што тоа да не го очекуваат од него, упатувајќи ги за решенија во меѓународните институции.

 

Тој додаде дека по ниедно правило на меѓународното право тој не смее да се меша во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани.

„Тоа е во согласност со Договорот од 2017 и обратното, за Бугарите кои живеат во Северна Македонија сум надлежен јас, македонската Влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од мене, од нас, одат во Стразбур или кај меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на човековите слободи и права. Тоа се правилата. Можев да им кажам – наместо бугарските институции, јас ќе ви ги овозможам тие права. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм двојно со тие луѓе кои се прилично измачени во трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад. Значи, моето овластување, надлежност од оваа позиција на која сум е до тука. Тоа го очекувам, се разбира, и од секој друг претседател на друга држава каде што живеат Македонци кои ќе сакаат да си ги остварат своите права. Тие институции таму се надлежни за нивните права – не јас, и обратно“, рече Пендаровски.

Тој даде оценка и за новиот пристап на новиот бугарски премиер Кирил Петков, иако соопшти дека на состанокот денес воопшто не станало збор за Бугарија. 

 

„Новиот пристап на Петков е различен од претходниот. Де факто историјата или усогласувањето околу тие заеднички точки во историјата беше предуслов за наше членство во ЕУ. Новиот предуслов подразбира Историската комисија да биде само една од тие пет групи и од сите нив ќе се проценува дали Македонија заслужува да ги почне преговорите“, рече Пендаровски. Тој додаде дека она што ќе ја отежнува работата на Историската комисија е реториката која се слуша од нејзините членови на дневна основа.

 „Она што мислам дека ја отежнува и ќе ја отежнува работата на Историската комисија и ќе ги обременува вкупните билатерални односи независно што направивме вкупно пет комисии, освен Историската, е реториката која се слуша од време навреме од членови на Историската комисија од Софија, кои на дневна основа се обидуваат уште пред да се сретнат со своите македонски колеги да наметнат како треба да биде решението во работењето на таа Комисија. Мој совет до сите тие е помалку зборување по медиуми, помалку прејудицирање на исходот од работата на таа Комисија, а повеќе конкретни резултати, но само низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги“, рече тој.

Запрашан дали смета дека треба да има предвремени парламентарни избори и како го оценува барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90, тој одговори: 

„Дали ќе има или не предвремени избори, тоа не е прашање за претседател на државата. Како граѓанин, можам да кажам дека сите ние овде заслужуваме барем една година да немаме избори, но тоа е апсолутно право на политичките партии во Собранието да решат. За намалувањето на бројот на пратениците сметам, секако, дека е добро да се рационализираат трошоците на државата. Ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тоа. На секој пратеник доаѓаат неколкумина што го опслужуваат, а ја доградивме исто така и зградата на Собранието бидејќи немаше простор за секој пратеник, така она што води кон редуцирање на трошоците јас го поддржувам. Словенија  е со слична големина како држава и има 90 пратеници. Но, сметам дека Уставот не треба пречесто да се отвора туку само кога има причина за тоа. Има политички субјекти кои  најавуваат и некои други прашања, а тој на барање на Софија сега веќе е на дневен ред. Ако ме прашањете мене, сега на РСМ не и треба отворање на Уставот“, рече Пендаровски.

 

Тој ги разјасни толкувањата дека Македонија се подготвува да испрати војници во Украина. 

„Би било добро да го разјаснам тој ста, ако некому не му е јасен. НАТО нема донесено одлука досега за борбено учество во Украина, ниту ќе донесе, без оглед на развојот на настаните таму. Само нападот на земја членка на НАТО се смета за напад на сите и сите се обврзани да учествуваат. Украина е земја партнер. Сосема е друго дали ќе учествувате таму на билатерална основа. Постои фраза во НАТО ‘генерирање на сили’ и секоја организација со силна воена компонента во вакви ситуации е должна да разработи сценарија за разни ситуации… Ние бевме во Авганистан 12 години и 10 години во Ирак, но само по падот на режимите таму“, рече Пендаровски. 

Запрашан со какви предлози ќе отпатува на средба во Бугарија, тој рече дека не се разговарало за тоа воопшто и подготовките за средбата не се ни почнати.   

Генерално, за темата на состанокот на Советот за безбедност, претседателот рече дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет. Тој додаде дека Македонија како земја членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.

„Ги поздравуваме дипломатските напори на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница, со кои им се дава шанса да дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика“, изјави Пендаровски. 

Во тој дел од светот, нагласи Пендаровски, има мали симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но сѐ уште е рано да се прогнозира како ќе се одвиваат настаните понатаму.