„Пејпал“ ја промени практиката кон корисниците во Србија


Сите износи во странска валута префрлени преку оваа платформа компанијата автоматски ги претвора во динари по многу неповолен курс

 

Пејпал“, една од најпопуларните светски компании за електронски трансфер на пари, неодамна ја промени својата практика и воведе нови правила за корисниците во Србија. Сите оние кои до сега го поврзаа својот налог со девизна сметка во една од банките во Србија преку оваа платформа, можеа да префрлуваат и да повлекуваат пари во странска валута со плаќање фиксна провизија . Сега, „Пејпал“ автоматски ги конвертира сите износи на девизи во динари, со многу неповолен курс, пишува белградска „Политика“. Сепак, како што додава весникот, ова не е единствената конверзија. До исплатата, парите честопати минуваат низ уште една или дури две конверзии, а клиентот може да изгуби и десет проценти од парите што ги пренесува од „Пејпал“.

Од Народната банка на Србија за „Политика“ изкавиле дека се запознати со новата практика на „Пејпал“ што подразбира задолжителна конверзија на девизи во динари при пренесување на пари на сметки во Србија, но дека ниту една локална регулатива не ја условила оваа компанија да ја промени својата деловна политика. Од 2015 година, велат од НБС, кога „Пејпал“ им ја овозможи на граѓаните во Србија услугата за примање пари, не е променет ниту еден пропис заради кој би ја смениле досегашната практика.

Од српската централна банка објаснуваат дека НБС нема надзорни овластувања над работењето на „Пејпал“ која е странска институција за електронски пари со седиште во Сингапур, ниту пак правна основа да преземе мерки пропишани со Законот за платежни услуги, ниту пак, српските надлежни органи можат да го контролираат работењето на оваа компанија затоа што нејзиното трговско присуство не е во Србија. Од НБС веќе контактирале со „Пејпал“ и побарале објаснување, а од таму им одговориле дека промената на практиката е предизвикана од промени во „Пејпал“ и наводно нема никаква врска со регулативата во Србија.

Од НБС ги советуваат корисниците на услугите н „Пејпал“ да бидат упорни и да се обратат до оваа институција со барање да направат измени во секој поединечен случај со цел да се избегнат непотребни и несакани конверзии и дополнителни трошоци.

Меѓутоа, како што пишува „Политика“, на некои корисници кои веќе контактирале со „Пејпал“ им било кажано дека од април годинава, опцијата за ажурирање на валутите на мастер“ и „виза“ картичките не е задолжителна и дека новиот договор на компанијата со сопствениците на картички вклучува претворање во динари. Тие објаснуваат и дека има некои нови услуги, како што е инстант трансфер, што се нуди само на корисниците во Србија, но сето тоа звучи како оправдување затоа што е очигледно дека плаќаат непотребни казни.

Весникот наведува и дека повеќето банки во Србија не можат да прифатат вакви трансфери во динари, па се случува „Пејпал“ да ги претвори девизните приливи во динари, „Виза“ да ги претвори во евра, а банката ги претвора во динари пред исплатата. Ситуацијата е нешто поповолна кога клиентот има девизна сметка во банката, така што додека парите дојдат за исплата, минуваат само две конверзии, пишува „Политика“.