Пченицата ја набавија двојно поевтино од лани: Николовски против најавите за поскапување на лебот

Треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал зголемување на цената на лебот на грбот на граѓаните кога мелничката индустрија се снабди со драстично поевтина суровина оваа година, прашува Николовски


 

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска на прес конференција остро ги нападна мелничарите кои најавуваат повисоки цени на лебот, посочувајќи дека годинава цените на суровините кои ги набавуваат се драстично пониски од ланските. 

„Треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал зголемување на цената на лебот на грбот на граѓаните кога мелничката индустрија се снабди со драстично поевтина суровина оваа година. Токму затоа нашата поддршка е кон оние кои што го произведуваат житото, а тоа се земјоделците“, рече Николовски одговарајќи на новинарско прашање, на прес конференција на која ги образложи новите мерки за поддршка на земјоделците.

Тој посочи дека цените на светските берзи на житото оваа година се преполовени и се драстично помали и токму во тој поглед поддршката преку интервентната програма е насочена кон производителите.

„Ние минатата година немавме поддршка од дополнителен еден, два или три денари за откуп на пченица заради тоа што откупната цена на пченицата беше 20-22 денари, зависно од квалитетот. Дури такво барање не беше ни воспоставено. Се сеќавам дури и тогаш немаше зголемување на цената на лебот, а камоли сега кога зборуваме за преполовени откупни цени на пченицата“, реагираше Николовски, нагласувајќи дека мелничката индустрија оваа година се снабди со суровина чија цена е преполовена во однос на лани.

Тој додаде дека е фер и коректно да не се шпекулира и шпекулативно да се создаваат цени, како и дека државната поддршка ја насочуваат кон оние кои што беа најпогодени.

„Тоа не е мелничката индустрија. Тоа се производителите и нашата цел е да го задржиме и да го стабилизираме домашното производство на пченица и на среден и на долг рок да станеме увозно независни“, рече Николовски.

Тој додаде дека оваа година е специфична во која што цената на житото на светските берзи беше преполовена.

„И нашата мелничка индустрија се снабде со суровина која што е по цена од 11 денари, а не по цена од 20 денари. Пазарот на електрична енергија за разлика од минатата година, исто така е стабилизиран“, рече Николовски.

Прес-конференцијата беше посветена за новите мерки кои денес ги донесе Владата за поддршка на земјоделците. Станува збор за три мерки на предлог на Министерството за земјоделство кои беа усвоени од Владата во рамките на интервентниот фонд, односно на интервентната програма како нова програма која што втора програма по ред се реализира за поддршка на земјоделците – производители на македонска храна, односно на пченица, јачмен и на градинарски култури.

„Интервентната програма е нова, донесена лани по руската агресија врз Украина како дел од владината програма 2020 – 2024 година и минатата година даде фрапантни и одлични резултати“, рече Николовски, додавајќи дека оваа година со Буџет од нови 317 милиони денари е креирана отворена интервентна програма преку која се излегува во пресрет на земјоделците креирајќи мерки за поддршка на производителите.

Првата мерка која што денеска беше усвоена е три денари по килограм финансиска поддршка за земјоделците за остварено и предадено или складирано производство на пченица, а корисници се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање.

„Истите имаат посеани и ожнеани површини со пченица, а оствареното производство го имаат продадено или складирано кај регистрирани откупувачи или за потребите на своите преработувачки капацитети во период од 15 јуни до 31 август. Максималната прифатлива количина пченица по хектар е 5.000 килограми“, рече Николовски .

Финансиска поддршка од три денари по килограм се обезбедува и за произведен домашен сертифицирани семенски материјал и од прва и втора генерација на пченица и јачмени Ц1 и Ц2

Николовски рече и дека со новите мерки им се излезе во пресрет на оние производители кои беа засегнати од замрзнување на цените во првата половина од годинава.

„Преку интервентната програма креираме мерка за поддршка со која ја надоместуваме разликата помеѓу производната и продажната цена како резултат од владината одлука во тој период за замрзнување на цените и на зеленчукот“, рече министерот за земјоделство, објаснувајќи дека станува збор за продадени количини на домат, пипер и краставици кои што се произведени под контролирани услови чии што трошоци за производство се значително повисоки, и за кои своевремено Владата донесе одлука за ограничување на цените со што, како што посочи „кај граѓаните останаа 2 милиони евра повеќе пари во тој период“.

„Оваа финансиска поддршка изнесува 35 денари по килограм за домат кој што е произведен и продаден во периодот од 5 април до 31 мај и 30 денари по килограм краставици произведени од 5 април до 15 мај кога важеше одлуката за замрзнување на цените“, рече Николовски, а на прашање на новинарите што е со пиперките, тој објасни дека во тој период немало производство на оваа кулутура под контролирани услови.

Николовски рече и дека претходно владата донесе одлука за 12 илјади денари поддршка за јачменот по хектар која што ќе ја добиваат производителите на јачмен кои што ќе остварат принос над 3 тони.

„Со тоа во оваа година кога драстично се намалија откупните цени на пченицата и на јачменот на светските берзи, во регионот а исто така и кај нас, нашата поддршка ја насочуваме токму кон овие производители како што лани добија поддршка за набавка на вештачко ѓубре кога беа многу повисоки“, рече министерот Николовски. (М.Ј.)