„Патувањето на парите“- заедничка изложба на КИЦ Белград и турскиот Институт „Јунуз Емре“


„Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (14-17 век) – Патувањето на парите“ е насловот на изложбата подготвена од м-р Даниела Николова што ќе биде отворена денеска во 17 часот во Македонски културно-информативен центар во Белград. Присутните ќе ги поздрават директорот КИЦ-Белград, Васко Шутаров, директорот на турскиот Институт „Јунуз Емре“ во Белград, амбасадорите Никола Тупанчески и Илхан Сајхл и авторката Николова.

– Изложбата ги претставува економските, политичките и општествените текови на Балканот во периодот од 14 до 17 век. Преку монети ковани во скопската и кратовската монетарница, посетителите добиваат можност да се запознаат со богатото културно наследство од отоманскиот период – велат организаторите.

Поставката е дел од поширок проект кој вклучува и промоција на двојазичната монографија „Патувањето на парите“, која нуди научен и визуелен осврт на колекцијата. Настанот се реализира во соработка на КИЦ Белград, институтите „Јунуз Емре“ во Белград и Скопје, со поддршка од Халкбанк и претставува значаен придонес во унапредувањето на регионалната културна соработка и зајакнувањето на меѓукултурниот дијалог. Изложбата претходно беше реализирана во Скопје, а во Белград ќе биде отворена до 8 април.