Патронажните сестри работат со истечени договори во време на пандемија, МЗ ветува дека ќе ги продолжи

Фото: Б. Грданоски

Билјана Богдановска

Договорите на патронажните сестри, што како проект ги најави пред две години министерот Венко Филипче, завршија на 31 декември 2020 година, а тие продолжуваат да работат, но не знаат дали и врз основа на што, ќе земат плата.

– Се јавува гласот на патронажните сестри, тивок скоро нечуен зад маските, визирите, под скафандерите зад параваните. Патронажните сестри се проект скоро година и три месеци. Договорите завршија на 31 декември! Продолжуваат да работат, секое утро доаѓаат во инстутуциите, само што не се пријавуваат со картички, нивните се нечујни, не создаваат тит – до редакцијата на „Независен“ се обрати една од тие сестри која работи во внатрешноста, која сакаше да знае дали нивниот работен однос ќе биде регулиран и платен.

Вели дека доаѓаат на работа секој ден, кои со сопствени униформи, кои подарени од здравствен дом. Присутни се секаде каде што треба. Од влезните врати да мерат температура на пациентите што влегуваат, да ги дезинфицираат нив и околината, вратите, чекалните… Рамо до рамо работат и ги заменуваат сестрите на боледување, во изолација. Патронажните сестри со договор на дело, во помалите места работат и во службите на итна медицинска помош, во лабораториите, домашно лекување на повик и секаде онаму каде што моли за помош човечки глас.

Се заразуваат, се лекуваат од сопствен џеб, немаат здравствено осигурување во пандемија, а сепак се на должност и пак се враќаат да помогнат, да работат.

– Спремни во возилата на итната итаат со надеж дека транспортот ќе успее да му помогне на болниот. Километри поминати! И кога се наградуваа учесниците во пандемијата тие останаа не само нечујни, туку и невидливи – додава медицинската сестра. Вели дека не следува награда за договор на дело, не следува награда за работа.

Сведочи дека кога се донесол правилник со кој по една година непрекинат договор на дело треба да следи решение, во мај нивниот договор се прекинал.

Таа вели дека до сега два пати ѝ е продолжуван договорот на дело. Има еден на два месеци, еден на четири и последниот на шест.

Од Министерството за здравство за „Независен“ велат дека ќе им биде продолжен договорот, но не прецизираа кога.

– На патронажните сестри ќе им бидат продолжени договорите за работа. Фондот за здравствено осигурување ФЗОМ ги извести сите здравствени установи дека е обезбедн буџет за цела 2021 година, за продолжување на договорите на здравствените работници – кусо одговорија од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство кога го најавија проектот рекоа дека медицински сестри ќе се вработуваат во здравствените домови за формирање патронажни служби кои ќе даваат интегрирана здравствено-социјална заштита за жителите во руралните средини и оние што се во социјален ризик.

Овие сервиси ќе функционираат по примерот на мобилните патронажни служби што веќе беа отворени во Кочани, Ресен и Велес. Кон крајот на 2019 година 134 медицински сестри почнаа со шестмесечна платена работа во службите за патронажна дејност во 17 здравствени дома и во две општи болници со проширена дејност на територијата на земјава.

– Идејата е да се зајакнат патронажните служби, кои ќе даваат здравствени услуги во домашни услови пред сè во рурални средини и за лица во социјален ризик, но и секаде каде нема никаква здравствена услуга. Притоа, сакаме да овозможиме услуги не само за мајките веднаш по породувањето, туку и понатаму ако им е потребно, како и на останатите граѓани кои имаат потреба од домашна посета и нега. Вака функцинираат патронажните служби во Шкотска, што при неодамнешната посета на Обединетото Кралство можевме да ги видиме, и тоа сакаме да го имплеметираме тука – рекоа тогаш дд од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

Мобилните патронажни сервиси во Кочани и Ресен беа отворени во рамки на пилот-проектот на Министерството за здравство со Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а ваков сервис во рамки на овој проект подоцна се отвори и во Битола.