Патрик Мартенс: Фокусот е на пазарите за набавка на суровини кои се во близина

Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија во деншната Утринска телеграма порача дека пандемијата која ја предизвика корона вирусот доведе до прекин на многу синџири на снабдување, а со нападот на Русија врз Украина се случи следната меѓународна криза. Тој вели дека сега фокусот е ставен на пазарите за набавка на сурови кои се во близина.
„Војната ги примора компаниите да се соочат со големи предизвици, тие се загрижени за своите вработени и деловни партнери, но истовремено мора да продолжат да произведуваат и испорачуваат суровини. Затоа, претприемaчите ги искористија тековните случувања како можност да ја преиспитаат досегашната мрежа на добавувачи и да се отворат кон нови пазари. Фокус е ставен на пазарите за набавка на сурови кои се во близина“, вели Мартенс.
Сепак, како што нагласува, нестабилните курсеви на валутите кои се користат во земјите кои не се членки на ЕУ, подолго време за добивање на одговори, тешкотии при комуникацијата, политичката и правна несигурности се клучни фактори на ризик со кои би се соочиле компаниите.
„Во заедничкиот вебинар организиран од Стопанската комора на Рајнхесен, Стопанската комора на Пфалц и Стопанската комора на Франкфурт на Мајна, се фокусиравме на земјите од Бугарија, Хрватска, Северна Македонија и Србија. Заедно со моите колеги од Германските стопански комори во Бугарија, Хрватска и Србија и експертите од Germany Trade and Invest, ги информиравме германските учесници за можностите кои ги нудат нашите пазарите за набавка на суровини и услуги“, вели Мартенс.
Дополнително, како што додава, учесниците биле информирани за предизвиците во глобалните синџири на снабдување ширум светот, како и за искуствата и советите за земјите за кои се одговорни.