Патоказите за јавна администрација и владеење на право денес ќе бидат доставени до ЕК


„Секретаријатот за европски прашања уште во јуни оваа година започна со активности за подготовка на Патоказот за реформи во јавната администрација и Патоказот за поглавјата за владеење на правото со придружен Акциски план, преку континуирани средби и консултации со сите надлежни институции. Патоказите се веќе подготвени, беа консултирани со Европската Комисија понатаму беа консултирани во Собранието, со граѓанските организации, академската заедница и денес ќе бидат доставени до Европската Комисија“, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека при на сите документи, администрацијата ги имаше предвид Скрининг извештајот за Кластер 1 и Извештајот за напредокот на државата, при што беа адресирани најголeмите недостатоци во клучните области.

„Предвидените мерки во Патоказите имаат цел деполитизирана, ефикасна, ефективна и одговорна јавна администрација, која обезбедува висококвалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти кои се засноваат на европските принципи и вреднува и придонесува за одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека новата законска рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да помогне да се обезбедат вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство.

„Нашата обврска е завршена, институциите ја одработеа домашната задача со посветена и сериозна работа. Ова е историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Она што недостасува, е последната обврска за да одиме напред, а тоа се уставните измени“ заклучи Маричиќ.

Тој исто така рече дека  2023 е меѓу најактивните години на меѓународно-политички и дипломатски план за Северна Македонија, а пропадната година е само за опозицијата која одлучи да ја блокира сопствената држава на евроинтегративниот пат. Понудата на избори да се излезе со предлог да се чека уште 100 години не е победничка, оцени вицепремиерот.

 Ова е промашена година само за опозицијата која што одлучи да ја блокира сопствената држава. Ние се бориме да немаме 11 промашени години, таа да биде само една, затоа што загубеното време никој не може да ни го надомести. Албанија стана членка на НАТО 10 години пред нас, да не дозволиме да стане земја членка на ЕУ 10 години пред нас, не заради Албанија, туку заради нас. Ние се радуваме на секој успех на секоја држава во регионот, меѓутоа Хрватска и Албанија го искористија многу добро своето членство во НАТО. Хрватска во меѓувреме стана и членка на ЕУ, а заедно бевме на масата за да станеме членка на НАТО. Е сега сме заедно со Албанија, но и со Црна Гора, Србија и другите иако и тие долго време преговараат, вели тој.

Тој е уверен дека ако ние го задржиме и го засилиме темпото можеме да ги стигнеме и оние кои 10 години преговараат и заедно со Албанија, Србија и Црна Гора да станеме членки на ЕУ,м бидејќи нагласува, се зависи од нас.

-Затоа мислам дека што помалку промашени години, а што повеќе успешни години ќе ни донесат побрзо да сме таму каде што сакаме да бидеме наместо да ги броиме промашените години. Оваа година 2023 беше промашена година само за опозицијата бидејќи ние како Влада направивме навистина многу. Јас се надевам дека наредната 2024 ќе го обновивме политичкиот консензус за ЕУ бидејќи тој не е доволно да биде само на ниво на реторика и на ниво на начелни заложби, политички, туку и на ниво на носење на крупни политички одлуки кога тие треба да се донесат. Затоа што да имаше храброст и искрена желба за европски интеграции досега кај опозицијата, наместо да одлучеше ВМРО-ДПМНЕ да се приклони кон Левица, наместо кон мнозинството проевропски партии, досега ќе ги имавме завршено тие обврски и сигурен сум дека ќе се занимававме со други прашања и работи, вели Маричиќ.