Пуштено во употреба реконструираното одделение за патни исправи во МРТ


Фото. Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваа на пуштање во употреба на целосно реконструираното Одделение за управни работи – Скопје во зградата на МРТВ.

„Прошетката тука ме наврати на година дена наназад кога во овие нечовечки, нехумани услови македонските граѓани ги вадеа своите патни исправи, а тоа не потсетува на оние 7 години ужас, криминал, помижување и срам коишто го направија Владата на СДСМ и ДУИ. А сега гледате денеска во еден климатизиран убав пристоен би рекол европски амбиент македонските граѓани би можеле да дојдат до своите патни исправи“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој потенцира дека се чувствува пријатно во овие 1.400 метри квадратни реновиран простор.

„Оваа есен се очекува да отпочне и втората фаза на реновирање на дополнителни 1.000 метри квадратни со што ќе се заокружи овој процес и да не се повторат оние турканици, гужви коишто ни се случуваа и не потсетуваат на оние 7 години тешки за македонските граѓани кога во Владата беа СДСМ и ДУИ. Дозволете ми да ве информирам дека заедно со министерот за внатершни работи и луѓето во министерството работиме на многу значаен проект. Да обезбедиме патните исправи да се печатат тука, а не да се печатат надвор од Македонија“, најави премиерот Мицкоски.

Вкупната вредност на проектот (приземје + 1 кат) опфаќа 2.300 метри квадратни, односно 48.000.000 денари. Завршена е прва фаза на проектот, реконструкција на најголемиот дел од приземјето од 1.300 метри квадратни.