Пасоши за инвестиции – како елитите патуваат за време на пандемијата
Барањата за пасоши во елитниот свет на миграција не се темелат толку на државјанството, колку на богатството и на спремноста да се движите слободно низ целата планета
За повеќето луѓе, пандемијата на коронавирус значи помалку опции за патување. Но, не толку за супербогатите семејства кои сè повеќе ги користат своите пари за да ги поминуваат границите кои инаку би им биле затворени.
Ова е свет на елитна инвестициска миграција, во кој апликациите за пасоши не се засноваат на националноста или државјанството, туку на богатството и подготвеноста да го преместат.
Овие т.н. програми за инвестирање од граѓани или ЦИП, во моментов се индустрија во подем, како и аранжманите на жителство за инвестиции, познати и како „златни визи“.
Тие се начин ултра богатите лица не само да го диверзифицираат своето портфолио со пренесување на своите пари во некоја земја, туку и да добијат бенефиции како државјанство, вклучително и нов пасош.
Во текот на изминатите пет до 10 години, основните мотивации кај учесниците во ЦИП – кои имаат нето богатство од 2 милиони до над 50 милиони долари – биле слободата на движење, даночни поволности и фактори за живеењње како што е подобро образование или граѓанските слободи.
Но, како што Ковид-19 драматично ја трансформира оваа 2020 година, некои елитни семејства размислуваат за здравствена заштита, како се реагира на пандемијата и бараат потенцијални безбедни засолништа за да се осигурат дека имаат резервен план во иднина.
План Б
„Луѓето навистина сакаат осигурителна полиса во вид на алтернативно државјанство што им дава план Б“, вели Доминик Волек, шеф за Азија за глобално државјанство и престој во советодавната фирма „Хенли и Партнерс“, за Си-Ен-Ен травел.
„Тие се исто така загрижени за здравствената заштита и подготвеноста за справување со пандемијата затоа што, се разбира, ова можеби не е единствената пандемија во нашиот живот.
„Богатите луѓе не планираат пет до 10 години – тие планираат повеќе од 100 години однапред, во однос на богатството и благосостојбата“.
Иако во голема мерка зборуваат анегдотично, „Хенли и Партнерс“ велат дека неодамнешното зголемување на заинтересираноста за ЦИП може да се поврзе со коронавирусот, здравствените проблеми и општите „предвидувања за крајот на светот“.
Компанијата забележа раст на барањата од 49 отсто на годишно ниво од јануари до јуни 2020 година. Бројот на лица кои поднеле барање по консултација се зголемил за 42 отсто кога се споредува последниот квартал од 2019 година со првиот квартал од 2020 година.
Моќната Црна Гора
Кога станува збор за специфични програми за државјанство, Црна Гора и Кипар се најпопуларни, со пораст од над 142 отсто и 75 отсто нови апликации соодветно, во првиот квартал на 2020 година, во однос на последното тримесечје во 2019 година. Во меѓувреме, Малта го задржа значајниот и постојан интерес.
„Многу луѓе во оваа ултра богата класа се заинтересирани за Кипар и Малта, затоа што им дозволуваат на апликантите и на нивните семејства неограничен пристап и слобода низ Европската унија“, вели Волек.
„Тие не само што добиваат поголема слобода на движење, туку и подобро образование и здравствена заштита (отколку во нивните матични земји)“.
За програмите за престој во Австралија и Нов Зеланд исто така има голема побарувачка, но од друга причина: управување со кризи.
„Нов Зеланд излезе на врвот во однос на тоа како се справи со пандемијата, споредено со некои од другите обично посакувани дестинации како Велика Британија или САД“, вели Волек.
„Значи, ние дефинитивно видовме голем пораст на барањата за инвестициски визи во Австралија и Нов Зеланд. Тоа е веројатно поттикнато и од написите за момците од Силиконската долина кои учествувале во разни програми за инвеститорски визи пред пандемијата и ставајќи ги плановите за судниот ден.”
Инвестиција од 6,5 милиони американски долари
Само семејства со исклучително високо богатство можат да учествуваат во овие програми за престој: програмата на Австралија чини 1-3,5 милиони американски долари, додека во Нов Зеланд од 1,9 – 6,5 милиони долари.
„Програмата на Нов Зеланд е прилично флексибилна во однос на тоа во што инвестирате – сè додека не е за ваша лична употреба“, објаснува Волек.
„Голем дел од овие луѓе вложија 10 милиони американски долари за создавање комплетно самоодржлива комерцијална фарма. Така, тие исто така добија место каде што може да одат и само да ги почекаат работите во времиња како ова“.
Клиентите ЦИП исто така се менуваат: Американци, Индијци, Нигеријци и Либанци апликанти покажаа најголем пробив во апликациите во изминатите девет месеци.
Американските апликации, особено, скокнаа за 700 отсто во првиот квартал на 2020 година, во споредба со последниот квартал од 2019 година.
Овие ултра-елитни поединци се придружуваат на постојаниот проток на инвеститори од Кина и Блискиот исток.
Засолништа без Ковид
Некои ултра богати патници едноставно бараат безбедно и оддалечено место каде што можат да се пробијат со семејството доколку се појави уште една зараза.
Дури и ако немаат непосреден пристап, тие сакаат да бидат подготвени за следната пандемија.
„Досега се зборуваше дека помалите држави се во состојба полесно да се справат и да управуваат со пандемијата“, изјави Нури Катц, основач на меѓународната фирма за финансиски советодавни активности „Апекс капитал партнери“, за Си-Ен-Ен травел.
„Во Соединетите држави е целосно вон контрола. Но, помалите земји не се погодени толку силно. На пример, во карипските земји како Доминикана, Антигва и Барбуда или Св. Китс, има многу малку случаи на Ковид“.
„Овие мали земји се чини дека се отвораат и чувството е дека ќе можат да управуваат со овој проблем многу подобро од големите земји“, додава Катц. „Значи, има голем интерес за тоа во однос на здравствената заштита и начинот на живот“.
Покрај тоа, малите островски нации на Карибите обезбедуваат релативно евтин ЦИП и поголема слобода за патување.
„Ако имате нето богатство од приближно 1 милион долари до 5 или 10 милиони долари, Карибите се одличен избор. На пример, некој богат човек од Бангладеш поседува еден од најлошите пасоши во светот во однос на слободата на патувањето – потребна е виза за да оди било каде“, додава Волек.
„Ако донирате 100.000 долари на владата на Антигва и Барбуда, плус такси, вашето четиричлено семејство може да добие втор пасош за околу четири до шест месеци“.
Победи ја забраната
Кац ги посочува и почетоците на уште еден тренд: инвестирање во пасоши со цел да ги зголемите вашите шанси да ги совладате забраните за патувања во иднина.
Како што некои држави во моментов се отвораат, тие ќе дозволат само одредени пасоши – на пример, Европејците во голема мерка не се во можност да ги посетат САД и обратно.
Сепак, со кипарскиот пасош може да се патува во рамките на ЕУ кога границите се отворени.
„Луѓето размислуваат, добро, ова нешто ќе биде некое време“, вели Кац. „Како да ги прилагодиме нашите средства, вклучително и нашето државјанство, за да можеме да имаме животен стил како што сакаме?
„Луѓето кои сакаат да патуваат слободно низ цела Европа почнуваат да размислуваат за добивање на некаков статус (државјанство или жителство).“
Инвестициска миграција
Инвестициските програми за миграција нудат жителство или државјанство во замена за значителни инвестиции во економијата на една земја, обично во форма на недвижен имот, создавање работни места, развој на инфраструктура или државни обврзници.
Првиот ЦИП беше воведен во 1984 година од страна на Св. Китс и Невис на Карибите. Оттогаш, десетици земји имаат воспоставено програми, вклучително и Австрија, Кипар, Малта, Молдавија, Св. Луција, Турција, Антигва и Барбуда, Доминика, Грција, Црна Гора и многу други.
Некои бараат од апликантите да формираат непрофитни организации, да основаат компании кои создаваат локални работни места или да живеат во земјата одредено време. Други им овозможуваат на апликантите да инвестираат во државни обврзници, недвижнини и развојни проекти од далечина.
Во зависност од земјата, овие програми можат да чинат некаде од 100.000 американски долари во Антигва и Барбуда до 250.000 американски долари во Св. Китс и Невис, 280.000 американски долари во Грција, 380.000 долари во Португалија, 1,1 милиони долари во Малта и 2,4 милиони американски долари на Кипар.
„Мислам дека земја како Португалија е една од најатрактивните затоа што ценовната точка од 350-500.000 евра е остварлива за богаатите поединци“, вели Волек.
„Потоа ќе добиете безвизен пристап до европската Шенген област и има јасен правен пат до државјанство по пет години престој, за што се бара и да зборувате на основно ниво португалски“.
„Но, ако клиентот има финансиски капацитет, тогаш е директно кон Малта или Кипар, бидејќи веднаш ќе добиете државјанство на ЕУ“.
Длабинско истражување
Во 2017 година, Кац проценува дека околу 5.000 луѓе годишно стекнале државјанство во странство преку ЦИП. Во 2020 година тој проценува ддека ттоа го оствариле 25.000 лица иако не постојат официјални податоци.
Иако се повеќе супербогати лица се свртуваат кон CIP како резервен план, реалноста е дека овие програми бараат време.
„Нема шанси секој руски олигарх да влезе, да му подари милион долари на некој политичар и да си оди со пасош“, вели Волек. „Тоа очигледно не е случај“.
Во зависност од земјата, процесот на длабински проверки секаде трае од неколку месеци до неколку години.
Обично, апликантите ќе бидат подложени на темелна финансиска и криминална процена за да се осигура дека парите се заработени легално, пред одобрување на нивниот престој или државјанство.
Да ја земеме Малта како пример, Волек вели дека земјата бара строг, четиристепен процес на внимателност, започнувајќи со првичните проверки од „Хенли и Партнерс“.
„Апликантот треба да ја открие нето вредноста на неговото богатство и потеклото, како и да обезбеди сертификати во неговата земја на раѓање, земја на државјанство и каде и да живеел повеќе од шест месеци во последните 10 години …“
„Малта има стапка на отфрлање од кое било место помеѓу 20 и 25 отсто од апликациите – тие ќе го одбијат апликантот доколку не се чувствуваат пријатно со тоа лице што сака да стекне државјанство“, објаснува тој.
Повратна информација „Златна виза“
Застапниците на ЦИП тврдат дека ваквите програми се „вин-вин“ ситуација: апликантите истураат инвестиции во земјите во развој за да ги компензираат трошоците за природни непогоди, колапси во индустријата, пандемии или едноставно да започнат во одредени сектори на економијата.
Во исто време, поединецот може да ги диверзифицира своите сопствени средства, додека ужива поголема слобода на движење, подобар животен стил и уверување во време на криза.
Но, некои експерти сугерираат дека не е толку јасно.
Во 2018 година, на пример, Транспаренси Интернешнл, глобална коалиција против корупцијата, ги критикуваше шемите на инвестиции за државјанството или за жителство во Малта, Кипар, Португалија и Шпанија, тврдејќи дека овие програми „продаваат пристап до Шенген-визната област за патување, па дури и државјанство на ЕУ, кон странски инвеститори со малку надзор, транспарентност или должно внимание“.
Кејт Хоупер, соработник аналитичар во меѓународната програма на Институтот за миграциска политика со седиште во Вашингтон, за Си-Ен-Ен травел изјави дека ЦИП често предизвикуваат сомнеж бидејќи некои влади не ги откриваат нивните процеси на длабински проверки.
„Бројни извештаи предизвикаа загриженост за тоа колку се ефективни овие процеси во скринингот на луѓето и искоренувањето на валканите пари“, рече Хоупер за Си-Ен-Ен травел во 2017 година.
„Со текот на годините, има неколку случаи кога државјанството им било доделено на луѓето без соодветно испитување“.
Џорџ Демартино, професор по меѓународна економија и етика на Универзитетот во Денвер, вели дека ЦИП може исто така да ја влоши нееднаквоста.
„Програмите како што се овие, се закануваат дека ќе го намалат политичкото братство со тоа што ќе им дадат посебни привилегии на веќе привилегираните“, изјави Демартино претходно за Си-Ен-Ен.
„Тие им дозволуваат на оние со најмала потреба да мигрираат и да добијат државјанство во нова земја и најголема можност да го сторат тоа, додека оние што се многу поочајни, како оние што се соочуваат со тешки економски околности дома, се целосно исклучени од придобивките од овие програми. Програмите не се причина за оваа нееднаквост, но тие ја засилуваат“. (Си-Ен-Ен травел)