ПАСОК денес избира нов лидер
Меѓу актуелниот претседател Никос Андрулакис и градоначалник на Атина Харис Дукас, членовите на грчката опозициска ПАСОК денеска одбираат лидер во вториот круг од партиските избори, по минатонеделниот прв круг во кој имаше голем одзив и учество на над 300.000 гласачи, јави дописничката на МИА од Атина.
Гласачките места во целата земја се отворени од седум часот утрово, право на глас имаат сите оние кои гласаа минатата недела, додека првичните официјални резултати се очекува да бидат соопштени доцна вечерва.
За лидер на ПАСОК беа доставени шест кандидатури, а во првиот круг гласаа 303.223 членови и поддржувачи на Социјалистичката партија.
Актуелниот претседател Андрулакис освои 29,64 отсто од гласовите, градоначалникот на Атина Дукас 21,41 отсто, поранешниот министер Павлос Геруланос беше на третата позиција со 21,12 отсто, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу освои 19,52 проценти, а поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис и пратеничката Надиа Јанакопулу добија едноцифрен број гласови.
Минатата недела имаше тесна битка за втората позиција меѓу Дукас и Геруланос, а разликата меѓу двајцата беше само 858 гласови.
Претходните избори во Социјалистичката партија, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври.
На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите.