„Партизанска“ во Битола – пример за лошо изведена и скапо платена улица

Обновата на улицата беше темелна, беа потрошени 500 илјади евра, но асфалтот е целиот во бранови, а после секој дожд таа е нефункционална


 

БИТОЛА – Две години од реконструкцијата на улицата „Партизанска“ во Нова Битола и потрошени над половина милион евра, таа е нефункционална после секој дожд. Спорни се над 700 метри од улицата. Има улици во Битола кои по реконструкцијата траат со години и децении, ама не и „Партизанска“. Оваа улица се реконструираше за време на мандатот на градоначалничката Наташа Петровска, градежните работи траеја седум месеци и тогаш новиот асфалт за само три месеци почна да се рони, па уште нова се коригираше.

Сега после поројните дождови на почетокот на овој месец почна да пропаѓа асфалтот, цела е како „згужвана“, велат битолчани, едноставно е претворена во нерамнина и не функционална за сообраќај, а е главен пат за поврзување на градот со Брусничка и Лавчанска населба.

„После секој дожд ‘Партизанска’ личи на Венеција, пливаме во вода со автомобилите, да не зборувам за пороен дожд или пак невреме. Човек не може а да не забележи дека улицата е сосема пропадната, не чини, лошо е направена. Вака плукни-залепи не чини. Идат, поправаат ама не ја бива работата. И секако да се побара одговорност, кој ја згреши работата. Многу пати реагиравме до Општината“, вели жител на Нова Битола.  

Во декември 2020 година заврши асфалтирањето на  „Партизанска“ во должина од 730 метри, откако претходно комплетно беше променета водоводната и канализациската мрежа. Се постави тротоар и нова патека на дел од улицата.

Општина Битола за овој проект од сопствениот буџет инвестираше околу 22 милиони денари. Преку Министерството за транспорт и врски за промена на водоводната и канализациската мрежа беа обезбедени уште 14 милиони денари. Вкупно за обнова на овој дел од „Партизанска“ беа потрошени над 550 илјади евра.

Нефункционалноста на „Партизанска“ добива и политичка димензија. Бојан Бојкоски, советник на ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи фотографии од улицата, вината ја префрла врз поранешната локална власт предводена од СДСМ и Петровска.

„Мандатот на СДСМ во една слика. Само после две години улица ‘Партизанска’ е тотално нефункционална. За оваа улица се платени повеќе од 500 илјади евра!“, критикува Бојкоски. Според него по последниот дожд едниот дел од лентата на улицата во првиот дел речиси е комплетно уништена, а автомобилите кои возејќи го избегнуваат оштетениот дел и најчесто се движат по другата лента што претставува опасност за сите учесници во сообраќајот, вели тој.

Од Општина Битола  за „Независен“ велат дека „Општината со стручните служби и сите вклучени економски оператори кои вршеа изведба на градежните активности на улицата се во фаза на утврдување на причините за новонастанатата состојба. После утврдувањето на причините ќе бидете информирани, како и за мерките кои ќе бидат преземени за решавање на овој проблем“, велат од таму.

Во Битола се во тек големи градежни работи, при што се реконструираа и асфалтираа 12 улици. На шест улици градежните работи се во тек. До крајот на годинава се очекува да бидат обновени 23 улици.