Парното греење ќе поскапи, но граѓаните и натаму ќе плаќаат како и досега

Поскапите сметки за парно греење што ќе ги добиваат домаќинствата, до крајот на оваа година ќе бидат субвенционирани во најголем дел од страна на Владата.


Од овој месец парното греење ќе добие нова повисока цена, но граѓаните и натаму ќе плаќаат како и досега, бидејќи нивните сметки ќе бидат субвенционирани. Поскапите сметки за парно греење што ќе ги добиваат домаќинствата, до крајот на оваа година ќе бидат субвенционирани во најголем дел од страна на Владата, а се очекува кон ова да се приклучат и Градот Скопје и скопските општини, соопштија денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Со ваквото решение ќе се овозможи граѓаните да добиваат топлина, а истовремено компаниите кои што се занимаваат со производство и дистрибуција да бидат ликвидни и да можат непречено да ја произведуваат и да ја дистрибуираат до крајните корисници, рекоа тие.

Практично, како што објасни претседателот на РКЕ Бислимоски, јануарските сметки за парно греење ќе бидат зголемени до нивната реална цена, но граѓаните и натаму ќе ја плаќаат цената која што беше утврдена во декември лани, кога греењето поскапи за 14 отсто.

Од оваа цена до новата реална (која што ќе се утврди деновиве врз основа на цената на природниот гас на светскиот пазар) дел од разликата ќе ја покрива Владата (80 отсто), а другиот дел би требало да го сторат Градот Скопје и општините.

Министерот Бектеши појасни дека за оваа намена од Буџетот ќе бидат наменети околу 5 милиони евра, додека партиципацијата на Градот и на општините би требало да изнесува 1 милион евра за цела година, според сегашните цени на природниот гас. Доколку дојде до негово поевтинување, трошокот би бил помал и обратно.

„Решението е следно: РКЕ ќе донесе одлука со која што цените за топлинска енергија ќе бидат реални. Разликата помеѓу оваа реална цена до постоечката цена ќе бидат покриени во најголем дел од Владата а во еден сосема минимален дел од Градот Скопје и од скопските општините. На тој начин ќе се обезбеди потребната ликвидност и на БЕГ производство, и на БЕГ дистрибуција и на БЕГ снабдување“, рече Бислимоски.

Со овие мерки трошокот за топлинска енергија на домаќинствата  во градот Скопје ќе останат непроменети.

„Само на овој начин со взаемна солидарност, со меѓусебна поддршка оваа енергетска криза и проблемите кои што ги предизвикува и кај граѓаните и кај компаниите ќе бидат надминати“, додаде Бислимоски.

„Во однос на помошта која ќе ја обезбеди Владата, таа ќе важи за цела година. Ги повикуваме и Градот Скопје и општините да бидат солидарни и да се вклучат во поддршката за граѓаните. Оваа поддршка ќе важи за сите домаќинства во рамките на Град Скопје кои ја користат топловодната мрежа и услугите што ги добиваат, вклучувајќи ги и ЕСМ Енергетика, Скопје Север и се разбира и БЕГ“, рече Бектеши. (М.Ј.)