Париз од 2027 година ќе го удвои данокот за празните станови


Градскиот совет на Париз одобри двојно зголемување на данокот за празни станови, што ќе стапи во сила на 1 јануари 2027 година, со цел да се поттикне понудата на станови за изнајмување и да се ублажи недостигот од домување во француската престолнина.

Според податоците на градските власти, во Париз има околу 150.000 ненаселени станови, што претставува девет проценти од вкупниот станбен фонд. Од нив, околу 80.000 се долгорочно празни и подлежат на оданочување.

Во согласност со францускиот Закон за буџет за 2026 година, општините ќе можат да ја зголемат стапката на данокот од 17 на 30 проценти по една година ненаселеност, а од 34 на 60 проценти по две години.

Заменик-градоначалникот задолжен за станбената политика, Жак Бодрие, ја оцени одлуката како „историска победа по десетгодишна борба“.

Според него, мерката би можела повторно да врати околу 20.000 станови на пазарот за продажба или за изнајмување.

Тој додаде дека повисокиот данок ќе ја ограничи практиката дел од сопствениците своите втори станови да ги пријавуваат како ненаселени за да користат даночни олеснувања, а воедно ќе придонесе за зачувување на бројот на станови што служат како основно живеалиште во Париз.

Предлогот наиде на критики од десничарската опозиција во Градскиот совет.

Копретседателот на групата „Пари либерте“, Грегори Канал, изјави дека зголемувањето нема да го постигне посакуваниот ефект.

„Данокот го поставувате на максимално дозволеното ниво. Тоа не е поттик, туку даночен притисок“, рече Канал.