Парична казна за сопственичката на кафеаната на Боемска, не и за Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не подложи на кривична одговорност бидејќи бил гостин во кафеааната на Боемска, каде не биле почитувани протоколите за заштита од Ковид 19, утврдило Јавното обвинителство, кое предложи парични казни за фирмата, како и за сопственичката на кафеаната.

-По спроведена претходна постапка и обезбедување на сите релевантни докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против две физички и едно правно лице за кои постои основано сомнение дека  сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик. Обвинетите, на 3 јуни, во периодот од 13:30 до 18:00 часот, во угостителски објект на улицата „Боемска“, не постапиле согласно прописите и наредбите за спречување на ширењето на заразната болест COVID-19. Првообвинетата, како сопственик и управител-менаџер на обвинетото правно лице, не го организирала процесот на работа на угостителскиот објект согласно Протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана. Второобвинетиот – вработен во правното лице, во наведениот период го отворил внатрешниот, затворен дел на угостителскиот објект за работа, каде со храна и пијалоци биле послужувани пет гости. Со овие дејствија обвинетите сториле кривично дело санкционирано во ставот 1 од член 206 од Кривичниот законик, а правното лице – кривично дело предвидено во ставот 2 од истиот член., велат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи за двете физички лица да изрече парични казни од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра, додека за правното лице предложи парична казна во висина од 150.000 денари.

Според ОЈО, од кривично-правен аспект, затекнатите гости не подлежат на кривична одговорност.​