„Парамаунт“ го купи „Ворнер Брос.“, „Нетфликс“ се повлече во последен момент
Пред помалку од една година, Дејвид Елисон водеше мала продуцентска компанија. Денес, тој е на работ да го преземе холивудскиот трон. Извршниот директор на „Парамаунт Скајденс“ се појави како победник во лицитацијата за „Ворнер Брос. Дискавери“ во четврток вечерта. Тоа беше плен што на „Парамаунт“ очајно му беше потребен за да преживее, а победата не беше сигурна – и сè уште не беше конечна.
Во борбата, Елисон се соочи со „Нетфликс“, најголемиот и најважниот играч во индустријата. Претседателот Доналд Трамп, како и Саудијците, се вмешаа во трката, а во еден момент дури имаше и закана од непријателско преземање. Но, Елисон победи. Ако договорот се затвори – во исчекување на одобрение од акционерите и потенцијално строг регулаторен преглед – тој ќе води едно од најголемите филмски студија, платформи за стриминг и телевизиски мрежи во медиумската индустрија, пишува Си-Ен-Ен.
Како започна сè
Елисон, син на основачот на „Оракл“, Лари Елисон, е холивудски продуцент две децении. Тој го основал „Скајденс“ (Skydance) со својот татко милијардер во 2006 година и финансирал некои од најголемите франшизи, вклучувајќи ги „Ѕвездени патеки“, „Невозможна мисија“ и „Топ Ган“. Кога „Парамаунт“ – компанија во тешкотии и со длабоки проблеми – почнала да бара потенцијални купувачи во 2024 година, Елисон се вмешал како спасител. „Скајденс“ го заврши купувањето на „Парамаунт“ во август 2025 година.
Но, на компанијата ѝ е потребна повеќе помош отколку што Елисон може да даде. Paramount+ е стриминг платформа која заостанува зад своите конкуренти, со неколку популарни франшизи, права за НФЛ и голем број непознати.
Студиото немало ниту еден филм меѓу првите 10 на бокс офисот во 2025 година. Неговите кабелски мрежи, со исклучок на „Саут Парк“ на Комеди Централ и „The Daily Show“, речиси и да не произведуваат оригинална содржина. Рејтинзите на Си-Би-Ес паднале за 12% во 2025 година, според „Нилсен“.
За да се натпреварува со гиганти како „Дизни“ и „Нетфликс“ , како и со платформи за социјални медиуми како ТикТок и Јутјуб, на „Парамаунт“ ѝ била потребна скала. Па така, Елисон речиси веднаш почна да преговара со „Ворнер Брос. Дикавери“. Два месеци откако „Скајденс“ го купи „Парамаунт“, ВБД ја објави продажбата. Но, „Нетфликс“ се појави како претпочитан понудувач.
„Нетфликс“ беше во водство со месеци: Имаше доволно пари за да го склучи договорот и планираше да ги продаде Си-Ен-Ен и останатите кабелски канали на ВБД во даночно неутрален спин-оф пред да ги купи HBO Max и „Ворнер Брос.“. ВБД постојано тврдеше дека понудата на „Парамаунт“ – иако за целата компанија – ја потценува нејзината вредност.
ВБД, исто така, се запраша дали „Парамаунт“ всушност има пари, покренувајќи прашања за саудиското финансирање зад дел од понудата и дали Лари Елисон всушност ќе ја гарантира аквизицијата. Дури и откако „Парамаунт“ ги ублажи тие загрижености со тоа што му даде на ВБД пристап до своите книги и им даде на Саудијците членови без право на глас, кои не се членови на одборот, ВБД продолжи да го фаворизира „Нетфликс“.
Па така, „Парамаунт“ се закани со непријателско преземање, ветувајќи дека ќе ја даде понудата директно до акционерите. Пресвртот се случи минатата недела, кога „Парамаунт“ објави дека ќе ја ревидира својата понуда.
Со зголемување на понудата за само еден долар – на 31 долар по акција – „Парамаунт“ го освои скептичниот одбор на ВБД во четврток. Неколку часа подоцна, откако извршниот директор на „Нетфликс“ го напушти состанокот во Белата куќа, „Нетфликс“ ненадејно објави дека се откажува од трката.
Не е јасно зошто „Нетфликс“ толку брзо се повлече, знаејќи дека „Парамаунт“ ќе ја зголеми својата понуда. Трамп беше главен фактор во договорот. Додека претседателите обично не се мешаат во антимонополските истраги, Трамп јасно стави до знаење дека е на страната на договорот на „Парамаунт“ поради политиките на Елисон. Елисон донирал на демократите, но неодамна станал близок до Трамп.
Импликации за Холивуд
Ако договорот се склучи, пејзажот на Холивуд ќе се промени засекогаш. Филмската индустрија ќе изгуби едно од своите пет големи студија. „Парамаунт +“, кој не беше одржлив сам по себе, одеднаш ќе стане сериозен конкурент на „Нетфликс“, „Амазон“и „Дизни+“ со интегрирање со „Ејч-Би-О Макс“ (HBO Max). Кабелските мрежи на „Дискавери“ и „Вајаком“ (Viacom) ќе ја зајакнат својата преговарачка позиција со огласувачите и кабелските оператори.
Медиумската индустрија е во криза, а ова спојување би можело да им помогне на двете компании да преживеат. Но, нема да биде безболно: „Парамаунт“ објави дека спојувањето ќе создаде синергии и заштеди од 6 милијарди долари, што речиси сигурно ќе доведе до илјадници отпуштања.
Синдикатите, незадоволни од каква било консолидација на индустријата, би можеле да ја отежнат работата на „Парамаунт“ и да ја одбијат соработката. Тејлор Шеридан, веројатно најважната ѕвезда на „Парамаунт“ и креатор на сериите „Јелоустоун“ и „Лендмен“, планира да се пресели во „Ен-Би-Си Јуниверзал“ (NBCUniversal) по истекот на неговиот договор.
Откако Елисон го презеде Парамаунт, компанијата е обвинета за додворување на Трамп. Му плати на Трамп милиони долари откако претседателот поднесе тужба за уредување на интервју со поранешната потпретседателка Камала Харис во „60 минути“ кое не му се допадна.
Ја откажа „Доцнежната емисија со Стивен Колберт“, еден од најгласните критичари на Трамп. А „60 минути“ привремено ја одложи репортажата за затвор во Ел Салвадор каде што администрацијата на Трамп испраќаше некои депортирани лица. Овие прашања ќе останат отворени додека компанијата се обидува да се интегрира со ВБД- вклучувајќи го и Си-Ен-Ен, медиум за кој Трамп рече дека го презира.