„Папокот на светлината“ од Венко Андоновски, по нецел месец, со второ издание
„Папокот на светлината“ од Венко Андоновски го доживува своето второ издание. За помалку од еден месец секој примерок од првиот тираж си го најде својот дом во срцата на читателите.
„Ова е доказ за тоа колку македонската читателска публика е гладна за квалитетни книги од домашни автори. Како со години да чекале да се случи нешто вакво. И самата промоција на Венко Андоновски го најави тоа. Беше еден од најпосетените книжевни настани што се случиле досега кај нас. Во кино „Милениум“ започна разгатката на приказната која Венко ја чуваше во себе со години. За да се излее конечно во облик на роман за Јан Лудвик, херојот од „Папокот на светот“ кој во оваа книга стои пред нови животни искушенија со кои македонскиот човек секојдневно се соочува, вели издавачот „Три“ кој го подготвува новото издание на книгата.
Културната елита, обожаватели и читатели десет години го чекаа новиот роман на Андоновски по објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“ и 22 години од „Папокот на светот“, книгата што ги освои книжевните награди Роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“.