Папата Лав XIV: Смртната казна е недопустлива
Папата Лав XIV денеска оцени дека смртната казна е „недопустлива“, по повод одбележувањето на Светскиот ден на борба против смртната казна, додека САД, неговата татковина, најавија планови за директен пренос од погубувањето на поранешен припадник на американската армија.
Во објава на X, папата го цитираше изменетото католичко учење за смртната казна, кое го воведе папата Франциск, а според кое оваа казна го загрозува вроденото достоинство на човечкото битие.
„Општото добро може да се заштити, а барањата на правдата да се исполнат и без прибегнување кон смртната казна“, се наведува во објавата на официјалниот профил на папата.
Тој додаде дека се развиени ефикасни системи за затворска изолација кои ги штитат граѓаните, а истовремено не ги лишуваат виновниците во целост од можноста за искупување. Објавата заврши со хаштагот #NoDeathPenalty (Не за смртната казна).
Министерството за одбрана на САД во четвртокот соопшти дека погубувањето на Нидал Малик Хасан, осуден за пукањето во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе се пренесува во живо. Хасан, чие погубување со стрелање во Форт Худ е закажано за 3 декември, е осуден за убиство на 13 и ранување на 32 лица.
Папата не се осврна посебно на планираното погубување ниту на случајот со неуспешното извршување на смртната казна со смртоносна инјекција во Тенеси, кој повторно ја покрена дебатата за смртната казна во САД.
Денеска се одбележува Светскиот ден на борба против смртната казна, и вообичаено е на официјалните профили на папата на социјалните мрежи да се објавуваат пораки по повод ваквите настани.
Сепак, објавата на Лав уследи само неколку часа откако неговиот најблизок соработник, кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан, истакна дека планираното јавно погубување во САД е „неприфатливо“.
Претходникот на Лав, папата Франциск, во 2018 година ја прогласи смртната казна за „недопустлива“ во сите околности, менувајќи го така официјалното католичко учење. Претходно, Катехизмот на Католичката црква, официјалниот зборник на црковното учење, наведуваше дека Црквата не го исклучува прибегнувањето кон смртната казна „доколку тоа е единствениот можен начин за ефикасна одбрана на човечките животи од неправеден агресор“. Претходните папи го застапуваа тој став, иако Јован Павле II почна да се залага за завршување на таа пракса и истакнуваше дека виновните луѓе заслужуваат достоинство еднакво како и невините.