Папата ги осуди и расизмот и насилните протести во САД


Папата Франциск денеска првпат се огласи по повод немирите во САД, по
рачувајќи дека никој не смее да „затвора очи пред расизмот“.Тој, исто така, го осуди насилството како „самодеструктивно и самопоразувачко“.

Поглаварот на Римокатоличката црква со голема загриженост ги следи вознемирувачките социјални немири во САД во изминатите денови, по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд.

Папата се помоли за национално помирување и мир во САД. Тој оцени дека смртта на Џорџ Флојд е трагична, додавајќи дека се моли за него и за сите кои се убиени како резултат на „гревот на расизмот“.

Истовремено во Вашингтон католичкиот надбискуп ја критикуваше посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на центарот посветен на папата Јован Павле Втори во период на масовни протести во САД, нарекувајќи ја манипулација, јави Би-Би-Си.
Неколку месеци пред следните претседателски избори, на кои Трамп се надева дека ќе освои втор мандат, во обид да ги придобие белите католици и евангелските христијани, во понеделникот се сликаше со Библијата пред Епископската црква, а вчера го посети центарот посветен на папата Јован Павле Втори.

Во соопштение пред посетата на Трамп на Националното светилиште на Свети Јован Павле Втори, надбискупот Вилтон Д. Грегори рече дека посетата ги крши верските принципи на црквата, додавајќи дека католиците треба да ги бранат правата на сите луѓе.

Сметам дека е збунувачки и понижувачки што кој било католички верски објект дозволува да биде толку ужасно злоупотребен и изманипулиран на начин што ги крши нашите верски принципи, кои не повикуваат да ги браниме правата на сите луѓе, дури и на оние со кои не се согласуваме“, порача надбискупот во соопштението.

Тој го осуди растерувањето на демонстрантите во близина на Белата куќа во понеделникот за да може Трамп, како што рече, „да ја посети епископската црква оштетена во протестите и да се фотографира со Библијата во рака пред претставниците на медиумите“.

Грегори е првиот афроамериканец на чело на вашингтонската надбискупија.