Папата Франциско се појави на болничкиот балкон и се врати дома во Ватикан
Здравјето на понтифот се подобрува. Но ќе му требаат уште најмалку два месеци за закрепнување, велат лекарите

Папата Франциско ја поздрави големата толпа верници собрани пред болницата „Џемели“ во Рим на неговото прво појавување во јавноста по повеќе од пет недели, пред да биде отпуштен од болницата во недела.
Понтифот, кој се опоравува од пневмонија на двете бели дробови, краткиот поздрав и благослов ги упати од балконот на неговата болничка соба набргу по објавувањето на текстот за неговиот неделен Ангел.
„Ви благодарам на сите“, им рече Франциско (88) на насобраните. Потоа се вратил дома во Каза Санта Марта во Ватикан, каде што ќе закрепнува најмалку два месеци.
„Нашиот папа се враќа“, изјави еден од верниците за РАИ.
Здравјето на Франциско, кој беше примен во болница на 14 февруари, а потоа му беше дијагностицирана инфекција на респираторниот тракт и двојна пневмонија, постојано се подобруваше, изјави за новинарите во саботата Серхио Алфиери, општ хирург во болницата „Џемели“. Сепак, ќе биде потребно „многу време“ за неговото тело целосно да заздрави.
„Република“ објави дека Франциско инсистирал да се врати дома, каде што ќе треба да продолжи со закрепнувањето и да се одмори. „Се надеваме дека тој наскоро ќе може да го продолжи распоредот за работа“, рече Алфиери. Сепак, тој предупреди дека папата нема веднаш да може да се сретне со групи луѓе. Останува нејасно дали ќе се одржи аудиенција со кралот Чарлс и кралицата Камила, закажана за 8 април.
И покрај неговите здравствени предизвици, неколку дена Франциско продолжи да го води Ватикан од неговата болничка соба, вклучително и одобрување поединци за светост и пишување писмо до уредникот на весникот „Кориере дела сера“ во кое го повторува неговиот апел за мир и разоружување.