Паника во Полска, трет напад со нож во училиште, полицијата врши засилени контроли


Ученичка во училиште во Варшава денеска со нож нападна три девојки и потешко повреди една, со што продолжува серијата напади во училиштата која почна кон крајот на септември, и покрај засилените мерки на полската полиција.

Девојка на возраст од 21 година, ученичка во училиште за возрасни во Варшава, во ходникот пред секретаријатот на училиштето нападнала со нож три девојки, од кои две се малолетни на 17-годишна возраст, а третата има 24 години, соопшти полската полиција.

– Една од 17-годишничките е пренесена во болница, но нејзиниот живот не е во опасност – изјави за полската телевизија Полсат портпаролот на варшавската полиција Јацек Вишњевски.

 

Персоналот во училиштето успеал да ја совлада напаѓачката и ја предал на полицијата, која засега нема сознанија што ја навело на тој чин, но не гледа ниту врска со двата напади во училиштата во Мазовското Војводство оваа недела, кои предизвикаа паника поради гласините дека е во тек некаков интернет-предизвик „Крвав петок“.

Полската полиција денеска соопшти дека од четвртокот навечер, кога почнаа засилените контроли на училиштата ширум земјата, контролирала околу 50.000 училишта и во целата земја уапсила 79 лица, главно ученици кои или се заканувале на интернет или прошверцувале ножеви или пластични имитации во училиштата.

Полската полиција денеска соопшти дека лицата се уапсени по двата напади со нож во училишта, кои се случија во средината на оваа недела, а во кои едно лице загина, а неколкумина беа повредени.

Проверени се околу 50.000 училишта ширум земјата, објави полицијата на X. „Забележани се вкупно 231 инцидент во кои полициските службеници интервенираа поради основано сомневање за извршено кривично дело“, додаде полицијата.

Засега нема информации за идентитетот на приведените лица.

Во четвртокот, 37-годишен училиштен домаќин беше убиен, а две лица беа повредени во напад со нож кој во училиште во местото Лешчидол-Новини, околу 70 километри североисточно од Варшава, го изврши 15-годишник.

Ден претходно, во средата, 19-годишник со нож повреди девет лица, од кои две потешко, во стручно училиште во Остроленка, место оддалечено нешто помалку од 100 километри северно од Варшава.

Полскиот премиер Доналд Туск во четвртокот наложи редовни полициски проверки во сите училишта во земјата. Многу училишта во регионот Мазовија, кој ја опкружува Варшава, вчера останаа затворени.

Туск изјави дека 15-годишниот напаѓач носел кацига со камера за да го сними своето злосторство.

Полицискиот оддел за кибер-криминал дополнително истражуваше дали на социјалните мрежи постои предизвик што ги поттикнува младите на извршување вакви напади. Сепак, полицијата вчера соопшти дека засега нема индикации за такво дејствување.