Панел дискусија: ЕП да остане поддржувач на проширувањето и покрај зголемена застапеност на евроскептиците
Европскиот парламент, кој традиционално бил институција што го поддржува проширувањето на ЕУ, се очекува да продожи да биде поборник на оваа политика и покрај зголемениот број пратеници кои доаѓаат од евроскептичните партии кои сега сочинуваат 25 отсто во неговиот нов состав.
Ова е оценката на дел од учесниците во денешната панел дискусијата насловена „Европската интеграција по изборите за Европскиот Парламент“, организирана од Институтот за европски политики – Скопје (ЕПИ) со учество на претставници од Албанскиот институт за меѓународни студии, Европско движење Србија, од Скеретаријат за европски прашања и од Министерство за надворешни работи.
-Во однос на изборите за ЕП сите сме во исчекување да видиме каква ќе биде коалицијата во ЕП и нејзината наклонетост кон проширувањето, бидејќи од ЕП традиционално се очекува да е институција што го поддржува проширувањето, барем според нашето искуство. Но допрва, всушност во наредните шест месеци кога ќе ги изработиме истражувањата ќе видиме дали тоа ќе биде случај, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – ЕПИ.
За Владимир Меѓак од Европско движење Србија во наредниот период многу позначајна тема во ЕП ќе биде како ќе изгледа идната ЕК, дали ќе имаме Генерален директорат за проширување, кој ќе биде комесар за проширување и од која партија тој ќе доаѓа. Имајќи предвид дека бројот на пратеници кои доаѓаат од тие десничарски и евроскептични партии е од прилика 25 отсто во новиот состав на ЕП, и тие како такви, оценува дека тешко оти ќе формираат единствен политички клуб, поради што очекува и нивната сила во ЕП да биде помала во однос на нивната процентуална застапеност.
-ЕП мислам дека ќе остане еден од поборниците на проширувањето, таков каков е. Доста работи останува допрва да се видат. Парламентот уште не е формиран, дури на 2 јули тие влегуваат во пратеничките клупи. Комисијата ќе биде формирана август, септември, октомври, на 1 ноември стартува со мандатот и тогаш ќе биде се многу појасно, вели Меѓак, додавајќи дека во моментов се е во сфера на шпекулации.
Панел дискусијата означува почеток на проектот во рамки на кој ЕПИ заедно со Албанскиот институт за меѓународни студии и Европско движење Србија во наредните осум месеци ќе направат анализа за тоа што се случува во самата ЕУ по изборите за ЕП и Брегзитот и како тоа ќе влијае врз перспективите на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Проектот е овозможен од Фондот за Западен Балкан.