Има отпор на Клиниката за онкологија и на дел од клиничките болници каде треба да се децентрализира терапијата, но работиме тоа да се реши
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска истакна дека има отпор на Клиниката за онкологија и на дел од клиничките болници каде што треба да се децентрализира терапијата, меѓутоа работат со раководство во тие установи тоа скоро да биде решено.
На презентирањето на реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци Клековски се осврна на повеќе суштински проблеми и рече дека таму каде треба многу повеќе да се направи се радиологијата, онкологијата, клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и реобмислување на концептот за долгорочна нега.
Одговарајќи на новинарско прашање за долгонајавуваната децентрализација на онколошката терапија, тој рече дека ќе направи аналогија со Клиниката за неврологија.
– Велеа дека има многу работа бидејќи многу пациенти се вклучени на биолошка терапија за мултиплекс склероза, но во моментот кога рековме „дајте да ја даваме терапијата надвор од Клиниката за неврологија“, почна отпор. Цела година работевме да почне таа терапија да се применува за почеток во Штип, Охрид и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Националниот план ќе го подготвиме, меѓутоа основата е тоа дека Клиниката за онкологија останува централна болница за третман, меѓутоа неопходно е дел од терапиите да се пренесат во неколку други болници поблиску до местото на живеење – додаде Клековски.
Појасни дека се работи на подобрување на дејностите во неколку болници надвор од Клиниката за онкологија, како реобмислување на радиотерапијата и како е правена радиотерапијата.
– Претходниот обид е неуспешен, очигледно имаме купено пред 10 години акцелератори и не се во употреба и мора да видиме нов поглед на тоа и набргу и за тоа ќе имаме сугестија. Значи децентрализацијата на терапијата за три месеци барем во две болници треба да започне, ако успееме и во третата болница надвор од Скопје ќе започне и тоа треба да го растерети моменталниот капацитет – кажа Клековски.