Дополнителна задача им е на службениците да посредуваат со информации од јавен карактер
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и германскиот партнер IRZ денеска организираа завршен настан на Твининг лајт проектот „Поддршка на слободниот пристап до информации – напредуваме заедно“ (Supporting the Free Access to Information – We Rise Together), којшто беше реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија.
На настанот, којшто се одржа под мотото „Од посветеност до промени – унапредување на пристапот до информации“, беше нагласено дека слободниот пристап до информации од јавен карактер и заштитата на информацискиот интегритет се меѓусебно поврзани заложби, неопходни за зајакнување на демократските вредности, јавната доверба и информираното учество на граѓаните.
Директорот на Агенцијата Петар Гајдов истакна дека овој проект за нив бил исклучително значаен затоа што преку спроведените работилници за институциите на централно и на локално ниво стекнати се нови искуства за знаења и можности за проширување на соработката за понатаму и начин како да го продлабочиме и да го усовршиме пристапот до информации од јавен карактер до граѓаните и да ги отвориме институциите да бидат поотчени и поотворени кон граѓаните.
– Потребно е сите ние како институции да ја разбереме важноста на пристапот до информации и едноставно при нашата работа да бидеме повеќе отворени кон општеството, кон граѓаните и сервисно ориентирани. Во голема мера институциите тоа го постигнуваат меѓутоа секогаш не е доволно треба повеќе – рече Гајдов.
Тој не посочи кои институции најмногу доцнат со одговорите за барањата за информации од јавен карактер, нагласувајќи дека многу често се случува поднесувачите на жалби да ги повлечат бидејќи во меѓувреме веќе добиле одговор. Но, Гајдов нагласи исто така дека на службените лица за посредување со информации од јавен карактер ова им е дополнителна задача покрај други редовни работни обврски што веќе ги извршуваат и од таа причина некогаш се случува и да има мал застој.
– Меѓутоа се трудиме и ние како Агенција да апелираме и да ги обучуваме нашите колеги во институциите, секогаш информациите да се даваат навреме, како што вели законот веднаш, а најдоцна во рок од 20 дена со потенцирање, никогаш да не го чекаме оној крајниот рок туку информацијата да се даде што е можно побргу – рече тој.

Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер врши мониторинг на ажурирањето на веб – страниците на институциите на локално и на централно ниво. Директорот Гајдов информира дека на нивната веб страна е поставен извештајот за мониторингот за локалните самоуправи, а сега ќе се врши мониторинг на централно ниво.
Најчесто баратели на информации од јавен карактер се физички лица, но, според Гајдов, тие не секогаш го препознаваат слободниот пристап до информации од јавен карактер туку се интересираат за некоја лична потреба и барање што го имаат во релација со одредена друга институција.
Стефано Елеро, раководител на Одделението за соработка во рамки на Делегацијата на Европската Унија во земјава истакна дека целта на проектот е зајакнување на капацитетите на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
– Слободниот пристап до информации од јавен карактер е главен столб за едно демократско живеење и тој е многу важен со цел граѓаните да имаат увид во начинот на којшто се трошат парите и за која цел се трошат парите на граѓаните, а со оглед на тоа дека тие се даночни обврзници – истакна Елеро.
Во Европската Унија, нагласи претставникот на ЕУ, имаме норми и стандарди коишто го уредуваат начинот на којшто може да се пристапи до информации од јавен карактер.
– Токму заради тоа беше и организиран овој твининг проект којшто траеше во период од осум месеци, во рамки на кој колегите од германската Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер соработуваа со колегите од македонската Агенција со цел размена на знаења, методологии и искуства и со нетрпение очекуваме овие знаења и искуства што беа споделени да се имплементираат и овде – рече претставникот на ЕУ Елеро.