Песимизмот ја преплави Битола, Алта банка го „кутна“ на плеќи Широк Сокак
Граѓаните не купуваат, не трошат, не влегуваат по дуќани во Битола. Алта банка создаде систем на сврзани садови кој сега го нема
БИТОЛА – Додека се чека расплетот со закажаната продажба на акциите на Алта банка Битола на 30 ноември, битолчани ги „подврзаа“ кесињата и веќе нивната штедливост удира врз прометот на дуќаните на Широк Сокак и Старата битолска чаршија.
На обичниот потрошувач како да не му значи ништо што Народната банка на Македонија уверува дека банката е ликвидна и висококапитализирана. На терен ситуација е песимистичка. Неделниот лимит за подигање на 10.000 денари за физички лица, директно ја намали куповната моќ и создаде психолошки притисок и штедливост кај битолчани. Па овој ноември битолчани наместо на пазарување чекаат во долги редици пред банките, загрижени за своите пари и заштеди.
Во незавидна положба се и угостителите каде што раздвиженоста е значително намалена.
Дуќанџии од Широк Сокак каде месечните кирии и давачки се над неколку илјади евра, велат дека овој месец не успеале да направат промет за да ги подмират основните давачки.
Сопственици на бизниси кои со децении работат трговија на најпрометната улица во градот велат дека за време на Блек фрајдеј и спроти новогодишните празници, ни оддалеку не успеале да ги испразнат рафтовите и да ги наполнат касите на продавниците. Трговците велат дека Алта банка Битола создала систем на „сврзани садови“ каде што ситуација се прелеала на сите сектори во градот.
„Малите дуќани на Широк Сокак се пред колапс, овие три недели работиме со страв и неизвесност. Всушност повеќе не работиме, отколку што работиме, не продаваме, ретко кој купува. Стоката ни остана, а обврските мораме да ги подмириме. Плаќаме високи кирии над 1.000 евра за дуќаните, зима е, трошиме повеќе струја за греење, давачки кон вработените и државата, а промет нема. Граѓаните не купуваат, не трошат, не влегуваат по дуќани, ниту да прашаат, па камоли да купат. Ја нема ни трпеливоста кај нашите деловни партнери, заради банката никој веќе не ни дава стока на почек. Довербата е загубена“, се жали дуќанџија на Широк Сокак во разговор за „Независен“.

Според нашите соговорници најпогодени се малите и средни претпријатија, оттаму велат дека и утре да се продаде банката, ќе бидат потребни најмалку три до четири месеци да се стабилизира пазарот.
„Агонијата продолжува, дури и во најдобрата варијанта банката да се продаде на првата аукција, што малку веројатно, оваа ситуација ќе потрае. Сѐ наликува на ситуацијата на ТАТ, од март 1997 година, многу емотивна поврзаност за битолчани. Малите и средни претпријатија се најпогодени затоа што не располагаат со голем капитал и како што се вели народски, немаат ‘две рала пари’“, велат трговци од Битола.
Ситуацијата е уште полоша во Старата битолска чаршија, на многу дуќани висат катанци, кај оние што работат прометот одамна е урнат, сѐ е сведено на минимумот, иако таму месечнити кирии се далеку помали од оние на Широк Сокак.
„Старата битолска чаршија одамна е на ‘инфузија’, промет нема, па дуќанџиите најголем дел сами работат, не плаќаат вработени. По 15 часот ретко може да видете светло во некои од дуќаните. По 30 години работа во трговија ќе мора да се прекомандуваме и да составуваме кабли во Индустриската зона Жабени. И не само јас, туку и дел од мојата фамилија“, вели дуќанџија од Старата чаршија.
Ваквата ситуација, со нетрошење и недоверба се отсликува кај поголемиот дел на граѓани на Битола кои со домашниот буџет си дозволуваа да седнат во кафеана. Но сега угостителите велат дека граѓаните го менуваат потрошувачкиот менталитет.
„Кафеаните се речиси празни, странците си заминаа, а нашите не се расположени за трошење, сега се размислува да се зачуваат парите собрани за ‘црни денови’. Голема недоверба по крахот на Алта банка Битола, особено што како банка Стопанска банка Битола уживаше голема доверба кај битолчани и беше банка број еден“, велат угостители.
На крај и најголемите оптимисти во градот под Пелистер не сакаа да го признаат својот песимизам околу брзата и позитивна разврска со судбината на Алта банка Битола. Неизвесноста продолжува, за една недела се очекува ноемвриската пензија и повторно гужви пред шалтерите и банкоматите на Алта банка Битола. Но подигањето на пензиите на рати ни оддалеку не се очекува да го раздвижи прометот на Широк Сокак и чаршијата.