Пандемија од колумнисти и аналитичари


Иван Вања Бојков

Повод за ова мое огласување во јавноста е една појава што во последниот период, а особено сега, се случува во нашето секојдневие,  а се манифестира преку средствата за информирање. Јас би ја нарекол пандемија на „колумнисти“ и „аналитичари“.

Откако знам за себе нормално следам сѐ што е позначајно и сѐ што се случува во нашата држава во сите области од живеењето. Не можам да се изначудам како од ден на ден се зголемува бројот на „колумнисти“ и „аналитичари“ од анонимни луѓе и партиски активисти, разни шарлатани и авантуристи. Толку се анонимни што на крајот од текстот или во најавата на тв емисиите стои авторот е аналитичар, небаре човекот работи во лабараторија и прави анализи на издржливоста на материјали или можеби овие луѓе Македонија ја сметаат за лабораторија во која тие вршат експерименти со чуствата на граѓаните и ни кажуваат што треба ние да разбереме за нештата да ни станат појасни.

Каква школа завршиле луѓето, што направиле во животот за така да се нарекуваат.

Можеби не сум во право, но моите поимања на зборовите „колумнисти“ и „аналитичари” претпоставуваат тоа да се или општо познати успешни  јавни личности, деловни луѓе, универзитетски професори, познати и искусни новинари кои преку работата се определиле во пишувањето да се посветат на тој новинарски жанр, или на тој начин да ги коментираат состојбите и збиднувањата во земјата и светот. Тоа би требало да бидат  луѓе препознатливи со своите постигнувања во она што го рабoтеле или работат. Нив со огромно задоволство ги читам и секако си оформувам свој став за напишаното.

Има луѓе кои ги познавам, некои и повеќе од 30 години, со нивните професионални и други ангажирања во разни сфери, и одеднаш читам, со неверување дека тој ти бил колумнист, односно аналитичар. Или гледам ТВ дебата со лик што го познавам и одеднаш читам дека е аналитичар.

Кога почнав да читам нови непознати имиња како колумнисти и аналитичари си помислив дека е многу добро што се појавуваат и млади новинари што се определиле да пишуваат колумни или да анализираат разни состојби. Меѓутоа, оваа појава многу се намножи, особено во порталите, каде што секој трет или четврт наслов е „колумна“ или „текст на аналитичар“. Ми беа непознати имињата, на пример Н.Н. или Р.Р. и почнав од љубпитност да ги отворам насловите.

Не требаше долго, за да констатирам дека поголемиот дел од тоа е оркестрирано од партиските штабови на политичките партии, кои на тој начин вршат класична пропаганда, често на непримерен и нецивилизиран начин, злоупотребувајќи ги имињата на своите „најспособни“ кадри или симпатизери.

Апелирам до средствата за информирање да не ја девалвираат работата на квалитетните професионалци, колумнисти или аналитичари, кои тоа го постигнале со долгогодишна успешна работа и стручно и објективно изнесување на своите видувања. Сѐ останато може да се формулира како писма на читатели, како што треба да биде и моето обраќање.

Аман, луѓе, спасете нѐ!

(Авторот не е аналитичар и колумнист. Нормален е.)