Панче Тошковски пријави два стана, два автомобили, две градежни парцели и деловен простор


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го објави анкетниот лист во Државната комисија за спречување на корупција, а таму пишува дека има стекнато стан во Центар во 2023 во вредност од 18.450.000 денари. Неговата сопруга има стан во скопско Злокуќани од 14.760.000 денари, стекнат во 2022. Заедничката вредност е 545.000 евра на овие недвижнини.

Сопругата на Тошковски оваа недвижнина ја стекнала со купопродажба, но истовремено министерот пријавил и нејзино задолжување во форма на банкарски кредит од 2022 во висина од околу 160.000 евра. Станот на Тошковски пак е стекнат со договор за градба. Најверојатно тоа го има договорено со инвеститор на негово земјиште, бидејќи на истото место минатата година истовремено стекнал деловен простор од 5.100.000 денари, или околу 85.000 евра. Станот е со површина од 146 метри квадратни, а деловниот простор од 46 метри квадратни. Тошковски има две градежни парцели во Ајватовци, од кои едната од 2011, а другата од 2015, во проценета вредност од 30.000 евра.

Од подвижен имот пријавил volvo XC60 од 2018 во вредност од 27,5 илјади евра и opel antara од 2015 што би вредел 15.500 евра.

Тошковски пријавил три трансакциски сметки, како и тоа дека добива приход од месечен закуп во висина од 30.750 денари.Во анкетниот лист не ги пријавил интересите, а познато е дека има адвокатска канцеларија и градежно-консултантска фирма.