„Пакомак“ почнува со собирање пластичен отпад од училиштата на 15 февруари


Фото: Независен весник

Поради пандемијата од корона вирус „Пакомак“ престана со собирање на пластичниот оптад од повеќе од 60 основни училишта во Скопје, но од компанијата најавуваат дека со оаа активност ќе продолжат од 15 овој месец.

„Со почетокот на пандемијата и престанок на работа на училиштата во март 2020, ние ги испразнивме контејнерите и ги известивме училиштата дека поради кризата и немање ученици во училиштата, ќе собираме по нивен повик, а не на регуларна база. Почетокот на оваа учебна година во која само мал дел од ученците се вратија со физичко присуство на настава и непознаницата како таа ќе се одвива, по инерција не остави да собираме на истиот начин- по повик“, велат од „Пакомак“, за „Независен весник“.

Таква е состојбата и во ООУ „Лазо Ангеловски во скопско Ново Лисиче, за што „Независен весник“ пишуваше вчера. Контејнери под клуч, без можност за соодветно одлагање на пластичниот отпад.

„Пакомак има поставено контејнери за селекција на пластика во повеќе од 60 основни училишта во Скопје, од кои редовно (најмалку еднаш неделно) собираме во просек околу 25-30 тони пластични шишиња годишно. За жал, трендот последните три години е надолен, но се трудиме на разни начини да ги мотивираме децата и училиштата да продолжат со градење на оваа навика“ велат од компанијата.

Најавуваат дека од ова полугодие, со оглед на искуствата од претходното во кое не се јавија поголеми проблеми со ширење на пандемијата, се враќаат кон редовниот начин на собирање, општина по општина.

„Веќе од 15.02. ќе бидеме во вообичаениот, регуларен режим на собирање, пред сè и поради тоа што има многу совесни граѓани, кои живеат во околината на училиштата и ги користат нашите контејнери за селекција на отпадот“, додаваат од „Пакомак“ за „Независен весник“.(Б.Б.)