Контејнерите за пластика под клуч, „Пакомак“ не собира поради пандемијата


Садовите за пластичен отпад во ООУ „Лазо Ангеловски“ веќе неколку месеци се чуваат под клуч во дворот, а ни едно дете не може пластичната амбалажа да ја фрли во нив и да ја рециклира.

Претходно, препознатливите жолти контејнери за собирање пластичен отпад стоеја во дворот на училиштето, а учениците, секојдневно, пластичната амбалажа и од дома ја носеа во училиштето за да ја рециклираат.

Контејнерите во ООУ „Лазо Ангеловски“ се заклучени зад оваа ограда

Ннеколку години по ред, училиштето ги поттикнуваше учениците на рециклирање пластика со тоа што секое дете кое ќе донесеше пластични шишиња од дома, ја запишуваа нивната бројка, а на крај на годината, одделението кое најмногу рециклирало добиваше благодарница.

– Неколку месеци се обидувам да ги фрлам пластичните амбалажи во овие контејнери, кога го носам детето во училиште. Но, тие се заклучени зад оваа ограда – вели мајка на еден ученик во ООУ „Лазо Ангеловски“ во скопско Ново Лисиче.

Таа го прашала човекот од обезбедувањето, но тој ја упатил на хигиеничарките, до кои пак, мајката не можела да дојде, со оглед на пандемијата од корона вирус, поради која на никого, освен на вработените и на учениците, не им е дозволен влез во просториите.

Заклучени контејнери

Директорот на училиштето, Перо Арсеновски вели дека компанијата за рециклирање „Пакомак“, пред неколку месеци им ја откажала соработката.

– Сакаа да ги земат и контејнерите, но јас не им ги дадов, затоа што, кога почнавме да соработуваме, ние си ги купивме. Можам и да ги извадам надвор, но ќе нема кој да ги собере. Затоа се заклучени. Ако продолжат да собираат, тие повторно ќе бидат ставени во функција – вели Арсовски за „Независен весник“.

Од компанијата „Пакомак“ пак, појаснуваат дека со оглед на епидемиолошката ситуaција во врска со пандемијата со Ковид-19, „Пакомак“ донесе одлука дека во вонредни услови на образовниот процес, каде што само најмалите ученици на возраст до трето одделение следат настава со физичко присуство, да го одложи организираното собирање отпад од пакување со цел да не го отежнуваат образовниот процес.

Единствен сад за рециклирање стакло во околината

– Сигурен сум дека Ви е познат протоколот со мерење температура, зголемено ниво на хигиена, ограничено движење на учениците во објектот итн. Сето тоа придонесува да не се фокусираме на собирњето на ПЕТ амабалажа како во нормални услови на образовен процес. Но, тоа не значи дека доколку кое било основно училиште организира собирање ПЕТ амбалажа по сопствена иницијатива, дека ние истата нема да ја подигнеме од контејнерите – одговорија од „Пакомак“ за „Независен весник“.

Во околината на училиштето „Лазо Ангеловски“ нема контејнери во кои се рециклира пластика. Има еден за рециклирање стакло, во близина на подземните контејнери, а другите се садови за собирање неселектиран отпад.
Ковид кризата, очигледно, го зема данокот и со она малку рециклирање што постои во главниот град. Кога ќе помине, и кога сите ученици ќе се вратат во училишните клупи, можеби работите ќе се вратат на старо, па и новите ученици од прво одделение ќе ја усвојат навиката за рециклирање.(Б.Б.)