Пакет (не)доволен за пресврт на Западниот Балкан


Иако пакетот инвестиции за Западниот Балкан делува раскошно, во реалноста нема да има важни промени, вели за ДВ Душан Рељиќ, директор на бриселската канцеларија на германската Фондација за наука и политика

 

ДВ: Европската комисија го претстави долго најавуваниот Економско-инвестициски план за Западен Балкан. Во Комисијата велат дека токму овие инвестиции од предложените девет милијарди евра се еден од основните три столба на обновената политика на ЕУ за Западниот Балкан. Како Вие го оценувате она што Брисел го подготви за регионот?

Душан Рељиќ: Ова е исчекор во добра насока, но тој чекор требаше да се случи пред многу години. Има толку непознаници во врска со самиот План, што треба да се биде внимателен во проценката на придонесот и резултатите кои би произлегле од него. Економско-инвестицискиот план на Европската комисија предвидува инвестиции од околу девет милијарди евра за шест држави и региони од Југоисточна Европа, кои имаат вкупно 18 милиони жители. Притоа не е јасно колку од тоа ќе бидат грантови, а колку кредити. Хрватска, која има четири милиони население, во наредните седум години од ЕУ ќе добие вкупно неповратни 20 милијарди евра кои треба да ги вложи во својата економија.

За мене сето ова делува премногу ветувачки, особено ако се има предвид дека не се менува основниот проблем во економските односи меѓу ЕУ и шесте земји од регионот, а тоа е трговскиот дефицит на регионот. Западниот Балкан во последните десет години има дефицит во трговијата со ЕУ од над 110 милијарди евра. Тој износ мора да се покрие за економијата да биде во рамнотежа – но, тоа не се случува. Наместо тоа, Западниот Балкан повторно запаѓа во поголема задолженост и уште поголема нерамнотежа во односите со ЕУ.

Dusan Reljic SWP (CIFE )Душан Рељиќ

Комесарот за проширување Оливер Вархеји вели дека целта на Економско-инвестицискиот план е затворање на „огромниот јаз“ меѓу економскиот развој на Западниот Балкан и ЕУ-фокусот на Европската комисија. Тој оценува дека поддршката од девет милијарди за регионот би можела да привлече до 20 милијарди инвестиции, додека „видливи и значителни“ промени може да се очекуваат во регионот веќе за четири до пет години. На основа на што е направена таква проекција?

Еден од претходниците на еврокомесарот Оливер Вархеји, Штефан Филе, вети дека преку вложувања од ЕУ ќе се привлечат дополнителни десет милијарди евра капитални инвестиции за Западниот Балкан. Ама не видов дека тоа се оствари досега. Можеби е можно да дојде до голем пресврт, но би требало да се остане реален. Западниот Балкан годишно би требало да расте со стапка од шест проценти од БДП за да може за 30 години да дојде до просекот на ЕУ. Замјите од регионот немаат доволно акумулација за да можат самите да поттикнат таков раст. Потребни им се странски инвестиции и неповратни финансиски средства за да го забрзаат развојот. Го наведувам повторно примерот на Хрватска која околу 80% од своите јавни инвестиции ги финансира од неповратната помош од ЕУ, односно структурните и други фондови. Западниот Балкан за тоа не може ни да сонува. Впечатокот е дека ЕК сега повеќе се занимава со политичка економија сфаќајки дека основата на проблемот на масовното иселување од регионот, недостигот на почитување човекови права и ударот врз демократијата, потекнуваат од социјално-економските прилики. Сепак, мислам дека ова што сега се најавува во Бриселуште не е тоа што ќе донесе пресврт во состојбите на лице место и во односите со ЕУ и регионот.

Во Брисел, по повод претставувањето на Планот, предупредија дека јакнењето на инвестициите и економскиот раст во регионот се можни само доколку земјите спроведат фундаментални реформи, посебно во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и подобра јавна администрација. Сѐ тоа веќе со години е „истиот камен” на сопнување за сите земји од Западен Балкан. Овогодишниот извештај за напредокот тоа само го потврди. Дали тоа го гледате како дополнителен проблем за економскиот развој на регионот?

Јавните инвестиции се еден од најголемите извори на корупција. Не е случајно што во целиот регион сѐ помалку јавни инвестиции одат преку тендери, а сѐ повеќе преку директни договори на владата со странски инвеститори. За јавните инвестиции да функционираат така што ќе се намали можноста за корупција, неопходно е ЕУ заедно со граѓанското општество, медиумите и правосудниот систем да бидат од почеток до крај упатени во проектите.

Ако тоа не се случува, се отвора простор за корупција во поголеми износи. Во големите проекти на ЕУ во регионот досега не сум забележал дека имало корупција во поголеми износи. Имаше со кинеските инвестиции, но суштинскиот проблем е што  дури кога општеството ќе зајакне и ќе се нормализира, а тоа е можно само преку раст на општествениот стандард и образование, тогаш и односот меѓу надворешните инвестиции и домашниот општествен економски и политички раст ќе бидат во баланс.

Дали тоа значи дека инвестициите на Западен Балкан ќе зависат од владеењето на правото, како што вели Брисел, или реформите ќе зависат и од економскиот раст кој се заснова на инвестиции?

Владеењето на правото не настанува механички со носење и примена на нови закони. За владеење на правото е потребно општеството да биде самостојно во однос на државата и владеачките партии. Тоа значи независност на правосудството, слобода на изразување на граѓанскиот секотор и медиумите и луѓето поединечно својата работа и имот да не им ги должат на политичките партии и властите. Средна класа во регионот има сѐ помалку, бидејќи општеството се дели на огромен дел прилично сиромашни, кои во сѐ зависат од власта, и мал дел олигарси и богати, кои во спрега со владеачките кругови ограбуваат големо мнозинство од луѓето, а дел од тоа го делат преку корупција и организиран криминал.

Се чини дека на ЕК посебно и’ е важно да нагласи дека иницијативата за економско поврзување и јакнење на регионот не е „замена” за евроинтеграцискиот пат, кој очигледно е премногу долг и компликуван. Дали е оправдан стравот на оние на Западен Балкан кои мислат дека по пораката на францускиот претседател Емануел Макрон дека регионот треба да се „врзе” за ЕУ, но членството да почека, она што ЕУ го прави е всушност „вртење” од патот на евроинтеграциите?

Економските врски на регионот со ЕУ се многу силни, пред сѐ со Германија и Италија. Тие не може наеднаш да се заменат со унапредување на економските релации меѓу Белград и Сараево или Скопје. Во регионот може да бидат олеснети услугите, трговијата, признавање на дипломите, што е сосема нормално и тоа е состојба која ја имаше во поранешна Југославија. Тоа ќе придонесе за економскиот раст, но суштинската приказна е дека регионот е опкружен со ЕУ и НАТО. Регионот е „меко јадро” на ЕУ. Да се гледа како нешто надворешно, не води никаде. Тој е длабоко во ЕУ по географски, економски и други параметри и не може да биде отсечен. (Дојче веле)

Душан Релјиќ е шеф на бриселската канцеларија на германската Фондација Наука и политика. Се занимава со актуелните случувања во земјите од Западен Балкан. Фондацијата Наука и политика го советува Бундестагот и германската влада за сите прашања од надворешната и безбедносната политика.