Паднати дрвја и бандери, оштетени кабли…Невреме во Струмица, Радовиш, Делчево…
Невреме со силен ветер и дожд вечерва зафати повеќе општини во државата предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и во извршување на вообичаените активности на граѓаните. Паднати дрвја и бандери, оштетени електрични кабли го попречуваа движењето, а надлежните повикуваат на зголемена претпазливост.
Општина Ново Село апелира на особено споро и внимателно возење на патните правци Сушица-Ново Село, Ново Село-Мокриево, Мокрино-Смолари и Смолари- Ново Село, известија од локалната самоуправа.
-Заради невремето кое денес ја зафати нашата општина има многу паднати дрјва, бандери и оштетени кабли и жици за електрична енергија. Нашите екипи заедно со екипите на ЈП „Македонија пат“ веќе се на терен и работат напорно, но штетите се преголеми и ќе бидат потребни неколку часови за да се нормализираат и исчистат патиштата, се наведува во известувањето од Општина Ново Село.
Инаку, освен во Ново Село невремето предизвика штети и во поширокиот Струмички регион и радовишко.
Краткотрајното невреме проследено со силен ветер и дожд, кое го зафати Струмичкиот и Радовишкиот регион доцна попладнево, предизвика паѓање на дрвја и пожари, објавија Територијалните против пожарни единици на Струмица и Радовиш.

Четири против пожарни возила и девет пожарникари биле ангажирани во Радовиш за отстранување на паднати дрвја од три улици. Благодарение на брзата интервенција на екипите, дрвјата биле отстранети за кратко време, а сообраќајот повторно бил нормализиран.
Во село Подареш бил запален постар објект, а пожарот бил предизвикан од фрлање искри од запалени жици. Екипа на радовишките пожарникари со едно против пожарно возило и тројца пожарникари веднаш излегле на терен и го изгаснале огнот.
Во струмичко избувнале пожари во штала во селото Висока Маала и на сува трева во Муртино, а паднато дрво било отстрането од коловозот во село Ново Село.
Пожарникарите апелираат до сите граѓани да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и други потенцијално опасни места, а секој забележан пожар или опасност веднаш да го пријават на 112 или 193.
Силното невреме што го зафати Делчево предизвика материјални штети на повеќе локации, при што најсериозно е оштетен кров на објект, чија санација е во тек. Надлежните служби се на терен и работат на расчистување на последиците.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски за МИА изјави дека засега нема информации за повредени лица.
-Дел од жителите, меѓу кои и деца, се безбедно евакуирани. Поради паднати дрвја на повеќе патни правци, во расчистувањето се вклучени Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, како и екипи со специјализирана механизација, информира Гоцевски.
Во акцијата ќе се приклучи и екипа од шумското стопанство со шест вработени и моторни пили, кои ќе работат на отстранување на паднатите дрвја и воспоставување нормална проодност на патиштата.

Надлежните упатија апел до граѓаните кои сакаат да помогнат да се пријават во Територијалната противпожарна единица или во Центарот за управување со кризи, каде ќе добијат конкретни насоки за нивно безбедно вклучување во акцијата за расчистување.
Невремето предизвика штети и на електроенергетската инфраструктура, при што беа оштетени неколку бандери во повеќе населби во Делчево. Оштетени се и лимени кровови во населбата Расадник и во централното градско подрачје, каде екипи на Територијалната противпожарна единица Делчево интервенираат за нивно безбедно отстранување поради фреквентноста на локацијата.
Силно невреме проследено со интензивен дожд, ветер и ситен град попладнево предизвика штети на повеќе локации во Куманово, при што се урнати дрвја и делови од лимени конструкции, а надлежните служби интервенираат на терен.
Според првичните информации на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, ветерот турнал неколку дрвја на различни локации во Куманово, меѓу кои „Благоја Илиев Гуне“, „Лесковачка“, „Октомвриска револуција“ и на други локации.
Ветерот турнал и кров од лим на улицата „Лесковачка“ и дрво на автопатот кон Скопје во близина на бензинска станица пред наплатна рампа Романовце, како и на стариот пат за Свети Николе.
Од РЦУК велат дека се известени екипите кои веќе се на терен. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, рече дека екипите ги санираат паднатите гранки и дрвја од коловозите.
Невремето беше проследено со силен ветер, ситен град и врнежи.