Пад на економијата на Холандија од досега „невидени“ 8,5 отсто


Холандското биро за статистика соопшти дека економијата претрпела пад од 8,5 проценти во вториот квартал од оваа година, бидејќи пандемијата ја задуши потрошувачката, извозот и инвестициите.

Државното биро за статистика денеска соопшти дека, иако контракцијата на економијата во однос на првиот квартал е лоша, таа не е толку голема како во другите големи европски земји како Франција и Германија.

Еврозоната со 19 земји, од кои дел е и Холандија, падна за квартално 12,1 процент, додека Велика Британија забележа пад од 20,4 проценти.

– Короната предизвика невидени економски штети. Тоа е економска катастрофа со вонредни размери, смета Питер Хајн ван Мулиген, главен економист на холандското Биро за статистика.

Потрошувачката на мало опадна за 11,8 проценти споредено со истите три месеци лани.

Економскиот пад е последниот лош настан оваа недела во превирањата за владата на премиерот Марк Руте, чие справување со епидемијата беше наречено „хаос“ од опозициските пратеници во средата. Владините пратеници исто така се соочија со остри критики за напуштање на жестоката расправа и неможноста да се гласа за предлогот на опозицијата за зголемување на платите на здравствените работници.

Потврденото зголемување на заразени со Ковид-19 во Холандија, со Амстердам и Ротердам каде е најлошо, ја натера Велика Британија повторно да воведе карантин за враќање на патници од Холандија.