Проблематичен во Идризово – префрлен во Штип, таму толпа од 30 лица сакала да го линчува


Зулќуфли Нуредини од селото Батинци, познат во скопското подземје како Мали Репки е главниот актер во настаните што го одбележаа денот кога беа уапсени 17 припадници на затворската полиција во затворот Идризово.

„Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица од кои за пет постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372, ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“, информираат од ОЈО ГОКК.

Интересен е начинот на кој Репки бил пуштан слободно да се шета низ Скопје. На 26 октомври минатата година во придружба на двајца осомничени затворски полицајци, се упатил во просторија за пушење во непосредна близина на болницата. Таму поминал околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му да избега.

Полицајците кои биле задолжени да го чуваат Репки не пријавиле дека го нема туку седеле во празниот апартман се додека не биле затекнати од припадници на интервентната полиција.

Останатите 11 затворски полицајци за кои е отворена предистрага се приведени, бидејќи му овозможувале на Репки да го напушта затворот на неколку часа без да има дозвола за тоа.

„Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад“, се додава соопштуваат од ОЈО ГОКК.

Инцидентите не го забиколиле Репки ниту во штипскиот затвор. Неговиот татко пријавил дека Репки стравувал од напад во текот на ноќта. По само неколку минути од пријавата избила тепачката меѓу две групи на затвореници. Тепачката се случувала на полноќ, а како засилување дошле и 30 лица со десет возила пред затворот.

Интервенирала затворската полиција, но и специјалци од Скопје кои пред капијата ја затекнале групата. Подебелиот крај го извлекол вработен во затворот, кој бил повреден во инцидентот. Штипскиот затвор од тогаш е под силно полициско обезбедување.