Овие брендови значително ќе поскапат поради царините на Трамп


Американскиот претседател Доналд Трамп воведе широк пакет царини за увезената стока, вклучувајќи основна царина од 10 проценти за повеќето производи и царина од 30 проценти за кинеските производи. Некои артикли, како челик и алуминиум, имаат уште повисоки царински стапки. Последиците се веќе видливи – сè повеќе големи компании предупредуваат дека ќе мора да ги зголемат цените.

Трамп изјави дека трговците на мало не треба да ги „префрлаат“ трошоците на клиентите, но многу синџири на снабдување јасно ставаат до знаење дека не можат да ги апсорбираат дополнителните трошоци.

Волмарт: цените ќе растат уште кон крајот на мај

Волмарт на 15 април објави дека наскоро ќе ги зголеми цените поради зголемените царини, особено на кинеските стоки.

„Ќе направиме сѐ што можеме за да ги одржиме цените ниски. Но, со висината на царините, дури и по најновите намалувања, не можеме сами да се справиме со сè, бидејќи маржите на мало се веќе мали“, рече извршниот директор на „Волмарт“, Даг Мекмилон, во телефонски разговор со инвеститорите.

Главниот финансиски директор Џон Дејвид Рејни изјави за Си-Ен-Би-Си (CNBC) дека цените ќе почнат да се менуваат уште кон крајот на мај, а ќе се зголемат уште повеќе во јуни.

Мател: Играчките повеќе нема да бидат толку евтини

Производителот на играчки „Мател“ објави на 6 мај дека ќе ги зголеми цените поради царините.

Директорот Инон Крајз рече дека и покрај плановите да се задржат 40 до 50 проценти од производите со цена под 20 долари, тој не може да гарантира дека тоа ќе остане така. Тој се залагаше за укинување на царините за играчки и игри низ целиот свет.

Трамп му се закани на „Мател“, велејќи: „Ќе ставам 100-процентна царина на нивните играчки и тие нема да продаваат никакви во САД, што е нивниот најголем пазар“.

Бест Бај, Нинтендо, Сони: електрониката ќе стане поскапа

Трговецот на мало со електроника „Бест Бај“ уште во март предупреди дека добавувачите ќе ги зголемат цените поради царините, а тоа ќе им се пренесе на потрошувачите.

Некои електронски компоненти се привремено ослободени од царински давачки, но ова нема да трае вечно. Нинтендо го одложи почетокот на пред-нарачките за новата конзола Switch 2 токму поради царинските давачки. Иако цената на самата конзола останува 450 долари, додатоците ќе бидат поскапи.

Финансискиот директор на „Сони“, Лин Тао, исто така, најави можност за зголемување на цените.

Шеин и Тему повеќе не се изземени

Кинеските синџири за брза мода „Шеин“ и „Тему“ повеќе не можат да го користат претходното ослободување од царина што дозволуваше увоз на стоки до 800 долари без царина. Трамп го укина тоа правило.

Тему објави на 25 април дека цените ќе се зголемат поради „нови правила и тарифи“, а Шеин ја испрати истата порака.

Си-Ен-Ен (CNN) следеше конкретни примери – две градинарски столчиња на Тему скокнаа од 61,72 долари на 70,17 долари од 24 до 25 април. Кај Шеин , костим за капење скокна од 4,39 долари на 8,39 долари – неверојатни 91 процент повеќе.

Форд и Субару: автомобилите поскапи поради царините

Воведена е царина од 25 проценти за увоз на автомобили, а слична царина се применува и за повеќето автоделови. Форд очекува да ги зголеми цените на своите возила во САД до 1,5 проценти во втората половина од 2025 година.

Компанијата ја продолжи својата кампања „цени за вработените“ до јули, бидејќи клиентите брзаа да купат автомобили пред зголемувањето на цената. Субару, исто така, најави зголемување на цените, но не кажа точно колку ќе бидат тие.

„Направени се прилагодувања на цените за да се компензираат зголемените трошоци и да се одржи добар сооднос цена-вредност за клиентите“, изјави портпаролот на „Субару Америка“.

П&Г, Стенли Блек енд Декер, Адидас: Потрошувачките стоки поскапуваат

„Проктер и Гембл“, кои ги произведуваат „Памперс“, „Тајд“ и „Шармин“, на 24 април објавија дека ќе разгледаат зголемување на цените во одредени категории.

„Многу е веројатно дека ќе има зголемување на цените бидејќи царините се инфлаторни по својата природа“, изјави директорот Џон Молер за Си-Ен-Би-Си.

„Стенли Блек енд Декер“ веќе ги зголеми цените на алатите во просек за неколку проценти во април поради царините, а нови прилагодувања ќе следат подоцна оваа година.

„Адидас“ изјави дека поради царинската неизвесност, особено во преговорите на САД со земјите извознички, не знае какви ќе бидат конечните цени. Но, од компанијата велат дека „зголемените трошоци поради царинските давачки неизбежно ќе доведат до зголемување на цените“. (Индекс.хр)