„Ова е терор“ – нобеловката Светлана Алексиевич ги обвинува белоруските власти
Писателката добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич ги обвини белоруските власти за тероризирање на сопствениот народ во средата, откако уште еден опозициски политичар беше приведен од маскирани во обична облека.
Максим Знак беше последната фигура грабната во систематската кампања на владата на претседателот Александар Лукашенко за да ги приведе водачите на едномесечното движење на протести.
„Она што се случува е терор врз луѓето“, рече Алексиевич, која ги повика приврзаниците во нејзиниот дом, откако беше малтретирана од повеќекратни телефонски повици од непознати броеви и постојано ѕвонење од странци на нејзината врата.
„Ние мора да се обединиме и да не се откажуваме од нашите намери. Постои опасност да ја изгубиме земјата“, рече таа.
Во знак на солидарност со Алексиевич, кој ја доби Нобеловата награда за литература во 2015 година, дипломати од неколку европски земји отидоа да ѝ се придружат на авторката во нејзиниот стан.
Знак беше приведен два дена откако друга лидер на опозицијата, Марија Колесникова, беше грабната на улица од маскирани лица. Двајцата се истакнати водачи на протестите на кои се бара оставка од Лукашенко по претседателските избори на 9 август, за кои опозицијата вели дека биле наместени. Лукашенко негира местење на гласови.
Знак и Алексиевич беа последните членови на Координативниот совет на опозицијата кои сè уште се активни во Белорусија.
Сите останати избегаа, принудени да заминат во странство или се приведени во акцијата на безбедносните сили на Лукашенко, додека тој се обидува да ја задржи својота 26-годишна власт. Министерството за внатрешни работи соопшти дека во вторникот се уапсени уште 121 демонстрант низ целата земја.
Лукашенко ги обвинува западните земји за мешање со поддршка на опозицијата. Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Литванија, за Ројтерс изјави дека дипломатите отишле во станот на Алексиевич за да ја следат ситуацијата „и во одредена смисла тие се одбрана, затоа што е потешко да се прибегне кон брутални методи кога има дипломатски персонал“.
„Тие се посетители на граѓанката Алексиевич, на нејзина покана“, рече тој. „Таа е граѓанин, има стан и има гости во станот“.
Руските новински агенции го цитираа Лукашенко дека нема што да се разговара со опозицијата. Тој ја посочи можноста за уставни реформи и нови претседателски избори – предлози што ги даваше во минатото – но рече дека е рано да се каже кога може да се случат тие.
Притворањето на Знак во средата беше дел од кривичната постапка против Координативниот совет на опозицијата „за поттикнување дејствија насочени кон нарушување на националната безбедност на Република Белорусија“, рече неговиот адвокат Дмитри Лаевски.
Марија Колесникова е приведена под сомнение за државно предавство, како дел од кривично дело поврзано со обид за преземање на власта, изјави во средата руската новинска агенција РИА за нејзиниот адвокат. (Ројтерс)