Германија води истрага против 105-годишник, осомничен поранешен чувар во нацистички логор

Мажот е обвинет за соучесништво во убиства во логорот „Шталаг 326 VI K“, во услови на трка да се изведат осомничените пред лицето на правдата пред да починат


Руски затвореници слават откако биле ослободени од американски војници од германскиот логор „Сталаг 326 VI K“ во февруари 1945 година

 

Германските обвинители соопштија дека се води истрага против 105-годишен маж под сомнение дека бил соучесник во повеќе убиства во нацистички логор за воени заробеници.

Случајот, кој го води јавното обвинителство во Дортмунд, се однесува на логорот „Шталаг 326 VI K“ во западна Германија, на територијата на денешната сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија.

„Се претпоставува дека 105-годишниот осомничен бил чувар во логорот за воени заробеници ’Шталаг 326 VI K‘ во областа Шене во западна Германија“, се наведува во соопштението на обвинителството. Мажот е „обвинет за соучесништво во повеќе убиства поради неговите активности таму“, додаваат тие.

Во логорот Шене биле сместени меѓу 180.000 и 200.000 советски воени заробеници во периодот од 1941 до април 1945 година, кога логорот бил ослободен од американските трупи.

Истрагата е резултат на итни напори во последен момент од страна на правосудните органи да ги гонат наводните учесници во нацистичката машина за убивање пред тие да починат. Овие правни активности делумно произлегуваат од сознанието дека многу од осомничените – кои во текот на осумте децении по завршувањето на Втората светска војна избегнале кривично гонење бидејќи се сметало дека имале безначајна улога – всушност биле клучни за спроведувањето на убиствените цели на режимот на Хитлер.

Судски преседан беше поставен со случајот на Џон Демјањук, поранешен чувар во нацистичкиот логор на смртта Собибор во окупирана Полска, кој во 2011 година беше осуден како соучесник во убиствата на повеќе од 28.000 Евреи извршени за време на неговата служба таму.

Обвинителите со години бараа екстрадиција на Демјањук, роден во Украина, од неговиот дом во Охајо во Германија, тврдејќи дека тој бил соучесник во злосторствата извршени во Собибор, и покрај недостигот на докази дека директно убил некого.

Демјањук почина на 91-годишна возраст во март 2012 година, додека го чекаше исходот од жалбата поднесена поради неговата возраст и кревкото здравје, што значеше дека тој не отиде во затвор. Случајот „Демјањук“ ги намали критериумите за докажување соучесништво, отворајќи пат за судење на други лица во деведесеттите и, во поново време, во стотите години од животот.

Најистакнатото судење во последниве години – кое е и пример за она што политичката теоретичарка Хана Арент го опишала како *Schreibtischtäter* (извршител од биро, односно бирократски посредник) – беше она на Ирмгард Фурхнер, која работела во концентрациониот логор „Штутхоф“ помеѓу 1943 и 1945 година како секретарка на командантот на логорот. Таа доби условна казна од две години затвор за нејзината улога како соучесник во убиство.

Спротивно на вообичаените правила, нејзиното судење беше снимено за историски цели. Фурхнер се најде во насловите на вестите откако побегна од домот за стари лица на денот закажан за почетокот на судењето.

Јозеф Шиц, поранешен чувар во концентрациониот логор „Заксенхаузен“ северно од Берлин, во јуни 2022 година беше осуден на пет години затвор како соучесник во убиство. Тој почина следната година, на 102-годишна возраст.

Во април минатата година, еден наводен поранешен чувар во „Заксенхаузен“ почина пред да може да му се суди по обвиненија за соучесништво во убиството на повеќе од 3.300 луѓе.

Минатата година, обвинителите од Дортмунд отворија посебна истрага против 100-годишен поранешен чувар во логор за воени заробеници во Хемер, Северна Рајна-Вестфалија, каде што исто така биле држени главно советски заробеници. Тој е осомничен за учество во егзекуции на заробеници во периодот помеѓу декември 1943 и септември 1944 година.

Новата истрага беше иницирана од Централната канцеларија за истражување на националсоцијалистичките злосторства во Лудвигсбург, во јужната покраина Баден-Виртемберг; канцеларијата ги предаде на јавното обвинителство прелиминарните истражни материјали за овој човек, како и за уште еден поранешен чувар. Според германските медиуми, другиот осомничен во меѓувреме починал.

Во Германија биле заробени до 5,7 милиони советски војници. Повеќе од половината не преживеале.