Ова е демократија и ставовите се легитимни: Ковачевски за писмото на Заев во одбрана на Анѓушев


Фото: Б. Грданоски

 

Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни така што не би можел да дадам дополнителни коментари, вели премиерот Димитар Ковачевски за писмото на поддршка на поранешниот премиер Зоран Заев за бизнисменото Кочо Анѓушев кој неодамна беше ставен на црната листа на САД со забрана за влез во Америка.

„САД се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури што се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту, пак, имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, така што не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД. Имаше и брифинг од страна на нивниот амбасадор во Скопје“, изјави денеска Ковачевски.

Прашан дали има информации кои лица од неговата партија може да се најдат на црната листа на САД, Ковачевски со одговор дека нема да коментира процеси во кои Владата не е вклучена. 

„Владата не е контактирана во ниту еден момент во однос на ова прашање“, рече Ковачевски.

САД го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа поради вмешаност во значителна корупција. Зоран Заев во своето писмено обраќање наведе дека Анѓушев како вицепремиер и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во периодот додека тој бил премиер.