Отворена нова канцеларија на управните служби на МВР во Сарај
Во Полициското одделение во Сарај денеска е отворена нова канцеларија на управните служби на МВР, која има за цел да овозможи побрз пристап на граѓаните од овој дел на Скопје.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој денеска ја отвори новата канцеларија, посочи дека станува збор за канцеларија која е трета по ред отворена за краток период, како дел од низа други кои ќе бидат отворени, со цел граѓаните да имаат побрз пристап до документите и услугите кои им се потребни.
-Како што најавивме, освен што почнавме со отворање на управни служби во рамки на Општина Јегуновце, Општина Липково, денеска и во рамки на Општина Сарај почнуваме со спроведување на севкупната акција која е насочена кон доближување на услугите на Министерството за внатрешни работи до граѓаните, изјави Тошковски.
Тој додаде дека од денеска граѓаните на Сарај ќе можат реално да пристапат во рамки на својата Општина, да не треба да патуваат до пунктовите во рамки на градот Скопје, поедноставно и побрзо да го завршуваат процесот на вадење на лични документи.
-Овде ќе може да се заврши целосниот процес од отпочнување на постапката се до земање на документот, потенцираше Тошковски.
Тој нагласи дека се планира со новиот Закон за внатрешни работи и полиција, Полициското одделение во Сарај да прерасне во Полициска станица со што ќе се зголеми бројот на полициски службеници, а ова ќе резултира со зголемување на безбедноста во самата општина и околните места.