Отворен Пивофест, организаторите ветуваат тридневна забава со познати музички ѕвезди


Со бројни посетители од повеќе градови од земјава и странство и со познатиот пенлив пијалак и вкусна скара почна 23-тиот Пивофест во Прилеп којшто ќе трае до доцна во ноќта во недела. Организаторите ветуваат тридневна забава со познати музички ѕвезди.

– Означуваме старт на 23-тото издание на Фестивалот на пивото во Прилеп. Имаме гости од повеќе страни, се надевам во следниве два фестивалски дена ќе имаме гости и од странство. Посакувам само едно- овој Фестивал кај сите посетители да остане запаметен како едно чувство кое ќе го понесат од Прилеп од сето што се случувало- добра забава, добра храна и најдобри пијалаци, изјави синоќа прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски на официјалното отворање на Пивофест.

Меѓу оние кои ќе ја забавуваат публиката е и Огнен Здравковски, кој порано доаѓал на Пивофест како гостин, а сега е од другата страна – на фестивалската сцена.

– Како средношколец со воз доаѓавме да бидеме дел од атмосферата на Пивофест во Прилеп. Сега, имам среќа како музичар да бидам на сцената и сум многу благодарен. На сите им посакувам да успеат, рече музичарот Здравковски.

Фестивалот секоја вечер нуди богата програма. Голем дел македонски и музички имиња од Балканот се на годинашниот Пивофест задолжени да помине весело оваа голема летна манифестација на која до недела се очекуваат илјадници посетители.